Со тензии и навреди од обвинетите почна јавната седница во Апелација за „Диво насеље“

од Vladimir Zorba
104 прегледи

Јавната седница во Апелација по жалбите на обвинетите од случајот „Диво насеље“ продолжи само со тројца од обвинетите откако останатите доброволно ја напуштија седницата.

Јавната седница почна тензично откако дел од обвинетите станаа и со погрдни зборови кон судот побараа да ја напуштат седницата, бидејќи како што рекоа на албански јазик не го прифаќаат овој суд и бараат меѓународна истрага. Наспроти предупредувањата од претседателката на судечкиот совет судијката Цветанка Периќ присутните да се однесуваат со почит и да не го нарушуваат редот во судот зашто во спротивно ќе бидат отстранети, сите обвинети станаа за едноминутно молчење во знак на почит кон сите загинати во акцијата.

 

Обвинетите пред почетокот кажаа дека нивните бранители немаат право денеска да зборуваат пред тие да се обратат пред судот.

-Не сакаме адвокатите да зборуваат во наше име, ние ќе зборуваме за себе. Не го признаваме овој суд  и бараме меѓународна истрага, порачаа на албански јазик дел од обвинетите.

Судот на почетокот од седницата констатираше дека пред заминувањето еден од обвинетите на судот му доставил поднесок на албански јазик што претходно и се обиде да го прочита, но не му беше дозволено.

Во дел од заедничката изјава, која еден од обвинетите успеа да ја прочита пред судот, тие бараат од премиерот Зоран Заев да ги приложи доказите дека случајот е политички монтиран, и дека бил замка подготвена од власта на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинетите тврдат дека биле излажани од Артан Груби и Али Ахмети дека можат да се предадат со посредство на ОБСЕ и бараат да биде објавена целата снимка од полициската акција за, како што тврдат, да се види дека командантите Бег Ризај и Мирсад Ндрецај биле убиени откако ѝ се предале на полицијата. Според заедничката изјава, единствена причина за постоењето на групата било разочарувањето од не спроведувањето на охридскиот рамковен договор.

Во заедничката изјава тие бараат да сведочат Никола Груевски, Сашо Мијалков, Али Ахмети, Муса Џафери, како и други функционери од бившата власт.

Седницата на Апелација ќе продолжи без нивно присуство денеска и утре.

Четворица од осудените денеска не беа спроведени од затвор, но судот кажа дека дале изјава дека може седницата да се одржи во нивно отсуство.

Според пресудата на Основниот суд Скопје 1 од 2 ноември 2017 година за терористичкиот напад на 9 и 10 мај 2015 година осудени беа 33 лица. Во крвавата престрелка во кумановско Диво Насеље животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, десет членови на вооружената група, а 30 лица беа ранети.

Седуммина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди. Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.

По жалбите на 33-та осудени денеска и утре ќе заседава второстепениот суд.

Слични содржини