Американскиот ветеран Том Рајс (97) го повтори скокот со падобран кој го извел пред 75 години за време на сојузничкото истоварување во Нормандија и беше дочекан со голем аплауз од присутните.

„Убав лет, убав скок, се беше совршено”, вели поранешниот падобранец на 101. американска воздухопловна дивизија, кога ја допре земјата на големото поле во Карантан на северозападот на Франција.
Рајс, кој скокна врзан за друг падобранец, имаше падобран во боите на американското знаме. Носеше качкет од својата некогашна дивизија и со несигурен чекор ги поздрави присутните правејќи знак V за победа.
Пред 75 години, тогаш младиот Рајс, на 22 години дошол во Англија со авион “Douglas C-47”, а во текот на ноќта на 6-ти јуни 1944-та година скокна во Нормандија заедно со уште 9.000 припадници на дивизијата.
Рајс раскажа дека тогаш скокнал со опрема тешка 50 килограми. Целта на неговата дивизија била да ги обезбеди патиштата околу Карантан, каде неколку часа подоцна го очекувало доаѓање на околу 100.000 војници.
Рајс по војната станал професор по историја, а имал уште околу 60 скокови секоја година во текот на одбележувањето на Денот Д.
„Тој скока за сите жртви во Втора светска војна, и ќе скока додека може”, изјави сопругата на Рајс, Бренда.
Кога Рајс по скокот го прашаа дали ќе скока повторно во Нормандија, поранешниот падобранец одговори: “Уште утре ќе го повторам тоа”.
Во Франција денес се одбележува 75-годишнината од сојузничкото истоварување во Нормандија во Втората светска војна.