Северна Македонија за 23 места го подобри рејтингот на Глобалниот индекс на мир

од desk4
322 прегледи

Северна Македонија направи скок од 23 места на листата на Глобалниот индекс на мирот во споредба со лани и го дели 65-тото место со Грција. Меѓу првите 25 земји на листата дури 17 се од Европа. Единаесетта година по ред Исланд е најбезбедна земја во светот, а на последното место, како и лани, е Авганистан.

Австралискиот институт за економија и мир, според истражувањето за годинaшниот глобален индекс на мирот, врз чија основа се рангирани земјите од „најбезбедна“ до „најнебезбедна“, оценува дека во споредба со периодот од пред една деценија, светот во 2019 е најбезбеден во последниве пет години.

На листата се рангирани вкупно 163 земји, а првата „десетка“, покрај Исланд, ја сочинуваат и Нов Зеланд, Португалија, Австрија, Данска, Канада, Сингапур, Словенија, Јапонија и Чешка. На дното на листата е Авганистан, а пред него се Сирија, Јужен Судан, Јемен, Ирак и Сомалија, рангирани од 163 до 158 место. Од поголемите држави, Русија е на 154-то место, САД на 128, Кина на 110, Франција на 61, Велика Британија на 46, Италија на 39, а Германија на 22 место. Од земјите во регионот, најдобро рангирана е Романија на 25 место, Бугарија е на 26, Хрватска на 28, Србија на 50, Албанија на 51, Црна Гора на 67,  Босна и Херцеговина на 81 и Косово на 86 место.

Индексот се пресметува врз основа на 23 фактори, меѓу кои и внатрешни и надворешни конфликти, воени трошоци, тероризам, убиства и криминал. Во Извештајот за 2019 година се посочува дека над 400 милиони луѓе живеат во реони во кои нивото на безбеден живот е ниско и каде има високи ризици поврзани со климатските промени.

Во извештајот се посочува дека конфликтите што доминираа во изминатава деценија, како тие во Ирак и Сирија, сега почнуваат да се намалуваат, но во исто време избувнуваат нови во Јемен, Никарагва и Турција.

Слични содржини