Американските психоаналитичари се извинија што хомосексуалноста ја третираа како болест

од Марта Пешевска
177 прегледи

Американската асоцијација на психоаналитичари се извини што во минатото ја третирала хомосексуалноста како ментална болест, додавајќи дека тоа придонесло за дискриминација и за трауми на ЛГБТИ-луѓето.

Ова е првпат една американска здравствена институција или организација да издаде вакво извинување.

Иако психијатрите престанаа да ја класифицираат хомосексуалноста како нарушување уште во 1973 година, а психоаналитичарите речиси две децении подоцна, Асоцијацијата вели дека не ѝ е познато дека некоја професионална група досега се извинила.

„Крајно време е да ги признаеме нашата улога во дискриминирањето и траумите што ги има предизвикано нашата професија и да кажеме ‘Ние се извинуваме‘“, изјави претседателот на Асоцијацијата, д-р Ли Џаф.

Тој го прочита извинувањето на стартот на нејзината 109. годишна средба во Сан Диего и доби овации од повеќе од 200 присутни.

„Секогаш е тешко да се признае дека некој грешел. Мислам дека ова беше вистински момент да се направи тоа“, додаде Џаф.

Токму оваа Асоцијација стана еден од првите поддржувачи на истополови бракови и се противеше на контроверзната „конверзивна терапија“.