Европскиот самит на кој лидерите на ЕУ преговараат за именувањата за водечките позиции на идниот состав на европските институции и кој започна вчера доцна попладне сѐ уште трае, неизвесно е кога ќе биде постигнат договор.
Шефовите на држави и влади на ЕУ влегоа во уште една рунда билатерални преговори рано изутринава по непреспиена ноќ во обид да изнајдат компромис за четирите главни позиции на идните европски институции: претседател на Европската Комисија, на Европскиот Совет, на Европската централна банка и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
По новата рунда билатералки со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, треба да продолжи самитот, јави дошисникот на МИА од Брисел.
Лидерите не успеваат да се договорат како да ги распоредат водечките функции помеѓу земјите и помеѓу политичките партии. Цела ноќ кружат повеќе имиња, меѓу кои најчесто споменувани се сегашниот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс, од редовите на Социјалдемократите, но и европскиот преговарач за Брегзит, Мишел Барние, од редовите на демохристијаните, потоа Маргарет Вестагер, сегашна комесарка за конкурентност и член на Либералите. Кружат имињата и на сегашниот белгиски премиер, Шарл Мишел, исто така Либерал, како и хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, од Европската народна партија, ЕПП.
Едно од сценаријата е Тимерманс да ја добие фотелјата на претседател на ЕК, а Мишел да го замени Туск. Се споменува и името на поранешната бугарска комесарка, Кристалина Георгиева, на местото на Федерика Могерини.
Освен политичкиот баланс и резултатите од европските избори, лидерите мораат да внимаваат и на географската рамнотежа во однос на источноевропските земји. Токму овие земји ја отфрлаат кандидатурата на Тимерманс, кој како потпретседател на ЕК задолжен за владеењето на правото, ги води прекршочните процедури против Унгарија и Полска.
Не е исклучено сепак исходот од овие преговори да обелодени и други имиња, потсетуваат дипломатите. Доколку не биде постигнат договор денеска, можно е да се одржи уште еден самит кон средината на јули. Ова е трет пат лидерите на ЕУ да се сретнат во рок од еден месец за да постигнат договор по ова прашање, безуспешно.
Според процесот воведен на претходните ЕУ избори во 2014, наречен “Шпиценкандидати“, именувањата треба да соодветствуваат со изборните резултати, а за претседател на Европската Комисија да биде назначен победникот, во овој случај Германецот Манфред Вебер кој ја водеше листата на Европската народна партија. Неговото име отпадна веќе на претходниот самит, и покрај поддршката што ја уживаше од германската канцеларка Ангела Меркел.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, меѓу другото, се противи на процесот на Шпиценкандидати кој го смета за недоволно демократски сѐ додека не се воведат транснационални избирачки листи во целата ЕУ. Имено, за сега, не постои можност да се гласа за кандидат од друга земја, така што кандидатот на европската партија која победила не нужно е резултат на волјата на европските граѓани, смета Макрон.
Противниците на Макрон сметаат дека тој го блокира овој процес од многу побанални причини, а тоа е дека тој не припаѓа на ниту една од двете главни политички партии во ЕУ: демохристијаните и социјалдемократите, туку неодамна им се придружи на Либералите, кои се на трето место според резултатите. Освен тоа, Макрон, според дипломати од други земји, сака да си обезбеди поголемо влијание во следниот состав на Европската Комисија, што не би било случај доколку позицијата му припадне на германски кандидат.
Самитот продолжува изутринава, а според дипломатски извори преведувачите и толкувачите се мобилизирани до пладне денеска.
За сега, сепак, не е соборен рекордот на времетраење на еден самит. Како што потсети генералниот секретар на ЕК, Мартин Селмаер, на Твитер, најдолг самит во историјата на ЕУ беше тој за грчката криза во јули 2015-та, кој се пролонгираше до десет часот изутрината.
-Уште пет часа, твитна Селмаер околу пет часот утрово.