Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја напушта функцијата откако беше повикан како осомничен за воени злосторства пред Трибуналот во Хаг. Оставката отвора нови прашања за односите со Србија
Косово го очекуваат нови избори и неизвесен период во кој се доведуваат во прашање и обидите за забрзување на дијалогот за нормализација на односите со Србија. Премиерот Харадинајвчера поднесе оставка на функцијата, а се очекува претседателот Хашим Тачи да свика предвремени парламентарни избори.
„Причината за оваа одлука е повикот кој го добив да бидам интервјуиран од Специјалниот суд како осомничен“, изјави Харадинај со солзи во очите по седницата на владата.
„Одговорноста сега е врз претседателот да започне консултации и да свика предвремени избори“, рече Харадинај, додавајќи дека во Хаг ќе патува следната недела.
Харадинај, поранешен командант на ОВК, досега негираше дека сторил злосторства за време на борбата за независност на неговата држава. Тој и во 2005 година беше обвинет од Хашкиот трибунал, но подоцна ослободен.
Специјалниот суд беше формиран во 2015 година за да им суди на припадници на ОВК кои се осомничени дека сториле злосторства за време на воената кампања во 1998 и 1999 година.
Оставката на Харадинај дополнително ќе ги одложи разговорите за нормализација на односите со Србија. Тие се замрзнати од ноември 2018 кога токму владата на Харадинај воведе царина од 100 проценти на српските производи.
Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека ја почитува одлуката на Харадинај и дека ќе свика консултации со политичките партии на кои ќе се одлучи дали ќе се формира ново владино мнозинство или ќе се свикаат предвремени избори.
Досега околу 50 припадници на ОВК биле повикани како сведоци или осомничени од судот во Хаг, но никој не е обвинет.
Косовските медиуми шпекулираат дека и Тачи, како и спикерот на парламентот Кадри Весели наскоро би можеле да бидат повикани во Хаг на испрашување.