Богатиот финансиер Џефри Епстајн кој е обвинет за злоставување на малолетнички, планирал да создаде „подобрена“ раса на суперлуѓе со помош на генетски инженеринг и вештачка интелигенција, пренесува „Њујорк Тајмс“.
Епстајн кој се дружел со многу богати и славни луѓе како Доналд Трамп, Бил Клинтон и припадници на елитата од Њујорк и Флорида, е обвинет дека злоставувал малолетни девојки, а во 2008 година беше осуден поради тргување со девојки кои нуделе сексуални услуги.
За време на неговите дружења со бизнисмени и научници кои што ги финансирал, тој зборувал дека планира да го користи својот ранч во Ново Мексико како седиште на операции во кои тој би оплодувал по 20 жени одеднаш.
Во кругот на пријатели на Епстајн имало угледни научници, како молекуларниот инженер Џорџ Чрч, еволуционарниот биолог Стефен Џеј Голд, неврологот Оливер Сакс и теоретскиот физичар Франк Вилцзек.
Неговиот поранешен адвокат, Алан Дершовиц кој го бранел пред судот во случајот од 2008 година, изјави за „Њујорк Тајмс“ дека бил згрозен од интересот на Епстајн за генетска манипулација: „Сите се прашуваа дали тие научници се заинтересирани за неговите погледи, или пак за неговите пари“.
Епстајн организирал ручек на Харвард во рамките на Програмата за еволуциска динамика и донирал 6,5 милиони долари. Когнитивниот психолог од Харвард, Стивен Пинкер изјави дека сметал дека Епстајн е интелектуален измамник: „Тој одеднаш ќе ја променеше темата, како да има пореметување на концентрацијата, а забелешките ќе ги отфрлеше со некаква незрела шега“.
Иако никогаш не ги спровел своите планови на дело „Њујорк Тајмс“ пренесува дека постојат бројни сомнежи дека токму на тој ранч Епстајн злоставувал малолетни девојки./Точка
Покрај ранчот, Епстајн имал и друг луксузен имот, остров на Карибите кој многумина го нарекувале остров на гревот, оргиите и педофилијата. Станува збор за остров од 28 хектари кој го посетиле многу припадници на светската елита. Според американските медиуми, овој остров често го посетувале малолетни девојки.
Епстајн моментално е во затвор, откако на 6-ти јули беше уапсен поради сомнение за сексуално злоставување на малолетни девојки. Тој тврди дека е невин по сите точки од обвинението.