Николовски: СДСМ пак ќе ја формира Владата по изборите на 12 април

од Aleksandar Todeski
308 прегледи

Претседателот на владејачката СДСМ и премиер, Зоран Заев на денешната седница на Централниот одбор на партијата информирал за степенот на реализација на мерките и имплементација на политиките во интерес на граѓаните кои како што соопштуваат од СДСМ, носат повеќе пари кај граѓаните, ги зголемуваат платите, ја јакнат економијата и го зголемуваат животниот стандард.

Од таму велат дека политиките на СДСМ ќе бидат пресликани и во предлог Буџетот којшто Влдата го подготвува за наредната година и додаваат дека истите ќе значат нов импулс во економијата, развој и повеќе пари кај граѓаните.

Во пресрет на изборите на 12 април претседателот Заев рече дека СДСМ е фаворит согласно анкетите но и теренските активности и партијата подготвена ќе влезе во изборниот процес.

„Го засиливме присуството на терен, меѓу граѓаните. Само во летниот период одржавме над 600 маалски и урбани средби, во тек се трибините кои граѓаните силно ги поддржуваат. Имаме што да кажаме затоа што имаме сработено многу во сите сегменти. Даваме отчет пред граѓаните за сработеното но и креираме нови политика. Масовноста на овие трибини и настани на СДСМ како и сите релевантни анкети потврдуваат, СДСМ е фаворит на изборите кои ќе се одржат на 12 април“, рече Заев пред членовите на ЦО.

На предлог на претседателот на партијата, како што веќе објави Локално, Централниот одбор едногласно го избрал Љупчо Николовски за Шеф на изборниот штаб на СДСМ.

Николовски во обраќањето пред членовите на ЦО рече дека СДСМ како најголема, најсилна и најорганизирана партија во државата ја води државата по прав пат и нема да дозволи деструктивните сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ да ја вратат назад, во неизвесност, изолација и нестабилност.

„Нашиот концепт е чесен и одговорен, насочен единствено кон граѓаните, кон државата и нејзината иднина. Убедени сме дека нашиот државнички концепт е препознаен од граѓаните и дека на 12 април масовно ќе дадат поддршка и дека на тој пат треба да продолжи да чекори државата напред. Секој ден и секој час макотрпно ќе работиме, заедно со секој наш член, со секој волонтер, со граѓаните. Следуваат средби со различни целни групи а на новата програма ќе работат и комисиите со вкупно 160 сектори. Ќе ги вклучиме и граѓанските организации и повторно новата Влада ќе ја формира СДСМ. Затоа што имаме чист, јасен, државнички концепт“, рече Николовски.

Централниот одбор на СДСМ ја задолжи заменик претседателката на партијата, Радмила Шекеринска да ги координира активностите за новата изборна програма на партијата, за изборите на 12 април.

Централниот одбор заклучил и дека клучните столбови од Програмата на СДСМ за само 2.5 години се реализирани и дека тоа е вистинскиот пат по којшто треба да се движи државата.

„За само 2.5 години решени се најголемите наследени проблеми, економијата од негатива од -1.8% сега има раст од 4.1%, воведени се серија на мерки кои ги покачија просечните плати за 2 илјади денари, минималната плата за 5.500 денари, невработеноста е намалена на рекордни 17,5%, создадени се над 54 илјади нови работни места најмногу во приватниот сектор, инвестициите се најголеми од независноста, социјалната помош е зголемена за 300 проценти, земјава се врати на евро-интеграцискиот пат, остварена е стратешката цел за членство во НАТО. Наша цел е новата изборна програма да произлезе од граѓаните и нивните потреби. Во таа насока сите коментари, забелешки и сугестии што ги добивме на маалските и урбаните средби, на трибините и средбите со граѓаните ги процесираме преку надлежните партиски Комисии во решенија кои ќе бидат втемелени во новата програма“, велат од владејачката партија преку соопштение.

Од партијата додаваат и дека се дефинирани и други канали преку кои што граѓаните ќе може да ги достават своите предлози до општинските организации но и до централата на СДСМ.

„Партиските комисии веќе започнаа процес на подготовка на новата изборна програма на СДСМ која ќе понуди реални, остварливи и суштински мерки и политики во интерес на граѓаните. Централниот одбор избра и нова партиска Комисија за спорт за чиј претседател е именуван Наумче Мојсоски, познат македонски ракометен репрезентативец“, соопштуваат од Социјалдемократскиот сојуз.

Слични содржини