Шефот на германската дипломатија Хајко Мас денеска во Скопје

од Ивана Рамаданова
285 прегледи

Министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас денеска престојува во посета на Република Северна Македонија. Мас ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски и со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Димитров и Мас, како што најавуваат од МНР, ќе разменат мислења за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во земјата, исходот од последниот Европски Совет и можните следни чекори, за преостанатите активности во делот на реформите, вклучително и развојот на добрососедските односи. Воедно ќе бидат разгледани и клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно продлабочување, како и актуелната динамика на односи на регионален план.

По средбата Димитров и Мас, предвидено е да одржат и заедничка прес-конференција.

Хајко Мас попладен ќе биде примен од претседателот Пендаровски во „Вила Водно“. По средбата со Пендаровски, на заедничка иницијатива на германското МНР и претседателот на Република Северна Македонија, ќе се одржи дебата на тема „Тековни состојби и предизвици во реформите во сферата на правната држава“.

На дебатата, како што информираат од кабинетот на претседателот, покрај Пендаровски и Мас, ќе учествуваат и претставници на државните власти, на правосудните органи, како и претставници на надлежни институции во оваа област.

Слични содржини