Заев: Владата ги прифати сите седум точки, претставници од „Марш за чист воздух“ денеска повторно одбија средба

од Ивана Рамаданова
204 прегледи

Владата веќе конкретно даде одговор на сите седум точки од организаторите на „Марш за чист воздух“, што тие ги поставија минатиот петок на протест како услов за да одат на средба со владини претставници. Само една од точките, како што рече денеска премиерот Зоран Заев треба да се доообјасни, а таа се однесува на рудникот Иловица Штука. За денеска во 18 часот имало закажно средба со активистите, но како што посочи Заев тие одбиле да дојдат.

Во однос на точката за рудникот, Владата потсети дека одлуката за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука, како еден од условите што организаторите на „Марш за чист воздух“ за средба во Владата, е веќе донесена и по завршувањето на жалбената постапка која е во тек во Управниот суд, таа ќе стапи во сила, се наведува во соопштението.

„Владата донесе одбивна одлука за концесијата, но правото на жалба во Управен суд е уставно загарантирано право на приватниот субјект, кој во моментов го користи, штом тоа ќе заврши ќе ја потврдиме конечноста на самата одлука. Во сите други детали точно е дефинирано што се презема од страна на Градот, од страна на другите чинители“, рече Заев.

Тој нагласи дека и денешната прес-конференција, на која беше промовиран проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи е во насока на екологијата.

„И граѓаните и јас како премиер и надлежните министри знаат дека ова прашање не се решава за еден ден. Правиме сериозен скок за оваа тема, резултатите очекувам да ги видиме брзо и ја користам секогаш приликата до оние граѓани кои можат повеќе да си дозволат да напарават промена на системите за греење заради тоа што и личниот учинок е прилог кон здравјето на граѓаните, кон чистиот воздух“, рече Заев.

Тој нагласи дека голем дел од граѓаните се уште ја користат екстра лесната нафта за греење или црвената нафта и уште еднаш информираше дека штом заврши грејната сезона, таа ќе биде укината. Додаде дека е потребно се повеќе да се насочуваме кон обновливи извори на енергија – инвертори, гасификација, фотоволтаици.

Владата откако пред два дена ги прифати барањата на „Марш за чист воздух“ изрази и очекување и дека прифаќањето на нивните барања ќе доведе до средба на која заеднички ќе се обединат напорите на институциите и граѓанскиот сектор во однос на грижата за здравјето на граѓаните и животната средина.

Седумте итни барања што ги постави „Марш за чист воздух“ и кои Владата соопшти дека ги прифати се: Указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште, ЈО да отвори истрага за Охис и за палење на кабли во Скопје,  Да се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја, Стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци, Поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат, Одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука и Одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.

Слични содржини