На свечена церемонија во Истанбул денеска е означен почетокот на работата на гасоводот Турски поток, на која присуствуваа претседателите на Русија, Турција и Србија, Владимир Путин, Реџеп Тајип Ердоган и Александар Вучиќ, како и бугарскиот премиер Бојко Борисов.
– Соработката меѓу Русија и Турција на гасоводот Турски поток е добар пример за соработка меѓу двете земји во сложените меѓународни односи и тој проект не е значаен само за двете земји, туку и за граѓаните на цела Европа, порача рускиот претседател.
Путин истакна дека имплементацијата на овој и други проекти претставува доказ дека стратешкото партнерство со Турција дава многу добри резултати
– Гасот доаѓа од Западен Сибир, потоа до Турција, па следуваат балканските земји. Тоа нема да биде значајно само за турската економија туку ќе придонесе и за развој на многу европски земји, нагласи Путин, додавајќи дека со новиот гасовод ќе има поголема ефикасност во транспортот на гас со почитување на еколошките стандарди.
Тој му се заблагодари на турскиот колега за поддршката и навременото обезбедување на сите потребни дозволи за градба.
– Турски поток ќе биде симбол на новото време. Целиот регион ќе има корист од тој проект. Постои изрека која гласи: „Еден пријател ти дава можност да поминеш половина пат уште на самиот почеток“. Според оваа изрека колку е важен патот, толку е и човекот со кој си тргнал по него, нагласи Ердоган.
Тој додаде дека „турско-руското пријателство преку овој проект веднаш ги покажува нашите односи и се надевам дека двете страни ќе продолжат со иста решителност да соработуваат и во други проекти“.