Борисов: Бугарија го користи гасоводот „Турски тек“ како геополитичко оружје

Гасоводот е големо политичко прашање во Бугарија, кое ќе биде предмет на парламентарна истрага поради сознанијата за големата улога на Кремљ во изградбата на објектот.

од Бети Божиноска
290 прегледи

Софија воведе специјална такса за гас за преносот на руски гас преку „Турски тек“ за да ја казни Австрија за нејзиното противење Бугарија да се приклучи на Шенген, објави денеска лидерот на најголемата бугарска партија ГЕРБ, Бојко Борисов. Пренесува „Еурактив“.

„Одлучивме да ја казниме Австрија. Во парламентот гласавме за такса за гас од 20 лева (10 евра) за пренос на руски гас преку „Турски тек“ и тогаш никој не рече ни збор (за придобивките од „Турски тек“. А геостратешки гледате како ние (Бугарија) ги казнуваме Австрија и Унгарија кога сакаме,“ рече Борисов, наведувајќи ги придобивките од гасоводот што носи руски гас до ЕУ.

Во октомври 2023 година, бугарскиот парламент воведе посебен данок за пренос на руски гас преку „Турски тек“ од 10 евра за мегават час. Оваа мерка не беше ефективно спроведена и беше укината во декември поради заканата од Унгарија со вето за членството на Бугарија во Шенген.

Австрија продолжи да го блокира полноправното членство на Бугарија и Романија во Шенген. Во овој период, партијата ГЕРБ на Борисов владееше со Бугарија девет месеци во неформална коалиција со про-ЕУ „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (ПП-ДБ)“ и со партијата на турското малцинство ДПС.

Според Борисов, од запирањето на „Турски тек“ корист може да има само Грција.

„За да ги предадеме бугарските интереси во корист на Грција, дури и денес можеме да поднесеме предлог за стопирање на „Балкански тек“ (името што го користи Борисов за продолжетокот на „Турски тек“ низ Бугарија). Чешмите се на бугарска територија“, истакна Борисов.

Гасоводот е големо политичко прашање во Бугарија, кое ќе биде предмет на парламентарна истрага поради сознанијата за големата улога на Кремљ во изградбата на објектот. Борисов беше обвинет дека за време на неговата последна влада (2017-2021) Бугарија му ја предала контролата на проектот за гас на Кремљ.

Прашањето за „Турски тек“ се покажува како контроверзно бидејќи Бугарија повторно влегува во политичката криза поради неуспехот на ротацијата на владата. Бугарите во јуни ќе треба да гласаат на шестите парламентарни избори за три години, како и на изборите за Европскиот парламент.

„Денес колегите можат да поднесат одлука за запирање на „Балкански тек“ бидејќи гасоводот е 100% бугарски. Подготвени сме за двете одлуки. Предлагам или да го запреме или да го продадеме“, иронично рече Борисов, додавајќи дека тоа би било национално предавство.

Продолжетокот на „Турски тек“ низ Бугарија беше пуштен во употреба во јануари 2020 година, откако беше изграден за помалку од две години, а рускиот гас тече кон Србија, Унгарија, а потоа оттаму во Австрија.

Бугарија учествуваше со 1,3 милијарди евра за проектот, од кои половината се веќе вратени од транзитните такси. Од 2025 година, бугарската рута на „Турски тек“ ќе биде единствената влезна точка за рускиот гас до ЕУ поради очекуваниото прекин на транзитот низ Украина.

Во исто време, Борисов најави дека огромни количини гас што моментално влегуваат во Бугарија од Грција потекнуваат од Русија.

„Од денеска тврдам дека во Бугарија влегуваат меѓу 8 и 10 милиони (кубни метри гас дневно). Колку и да не им се допаѓа на колегите (од коалицијата ПП-ДБ), во нашите гасоводи има само руски (гасни) молекули“, посочи Борисов.

Слични содржини