Низа барања за докази доставила одбраната на организаторите на крвавиот упад во Собранието, чие судење почнува денеска.
Обвинетиот екссобраниски спикер, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, побарал да се одложи рочиштето бидејќи поканата му стигнала на 17.02 па немало доволно време да се подготви одбраната.
Обвинетиот ексминистер за транспорт и врски, Миле Јанакиески доставил ЦД со изјава од Собранието на пратеникот Крсто Мукоски, а кој побарал изјавата да биде доказ за судскиот процес за организаторите на 27 април.
Поднесоци адвокатите поднесувале до вчера, иако рочиштето беше закажано уште во јануари. Одбраната се жалела и дека обвинителката Вилма Русковска не им ги доставила на увид сите докази, со што им било прекршено правото за фер судење. Како докази се побарани и сите забелешки од УБК, кои се однесувале на операцијата ,,платформа”.
Адвокатот Дончо Наков посочи дека не биле исполнети условите за судење и побара доказите од првото судење за 27 април, бидејќи произнесувањето дали обвинетите чувствуваат вина било врзано со доказите.
А.Т.