Како производ од двонеделниот престој на Антарктикот и искачувањето на врвот Винсон, алпинистката Илина Арсова на 6 март (20 часот) во НЛБ галеријата во Скопје пред македонската јавност ќе се претстави со циклусот на уметнички дела наречен “White“.
„Циклусот WHITE е резултат од една поинаква реалност доживеана со последната експедиција на јужниот пол, каде доминира белината и студенилото во пејзажот. Да се доживее свет без бои е предизвик за сликарското око, но тогаш ги откриваме боите на белината. Белиот пејзаж е исто така одраз на чистина и префинетост, што се надоврзува на долгогодишната активност за подигнување на еколошката свест преку ликовно творештво и разни видови активизам„, вели Арсова.
Таа додава дека WHITE e неколку годишен мултимедијален проект надоврзан на перформансот ZERO, а е изведен преку користење на различни традиционални и современи техники.
„Поставката ќе опфати и неколку постари цртежи и слики кои се премин од „Дневникот на моите височини“ (2017-2019) кон новосоздадените дела, како и сликата „7 врвови“, работена со прекини последните 5 години“, додава Арсова.
Според Александра Ристовска, планинскиот пејзаж во делата на Илина Арсова е присутен уште од самиот почеток на нејзиното професионално ангажирање во ликовните и визуелни практики.
„Почетната мисла како процес во нејзиното визуелно растење, е односот на општеството кон природата од аспект на ниска еколошка свест, која станува сѐ повидлива и евидентна во современиот начин на живеење. Дел од теоријата и фокус на познатиот теоретичар и филозоф Славој Жижек лежи токму во анализирањето на актуелното глобално прашање за човековата неодговорност кон средината во која живееме, а таа неодговорност би довела до дистописки резултат за многу кратко време“, вели Ристовска.
Основниот контекст на White според неа, истовремено зборува за значењето на природата како основен кодекс кај човекот кој е вроден, (а заталкан кон потребата за урбаност и удобност во современите тенденции), а од друга страна Арсова поставува прашање кое се однесува на зголемувањето на свеста кај секоја единка, а тоа е враќање кон природата и доживување на субјективната и објективната слобода.
„Одговорноста кон актуелните прашања, а за Илина тоа е прашањето на среќа која ја нуди пред сѐиндивидуалното надминување и посветата кон интерните и духовни потреби, претставува хуманистичка мисла која нуди благосостојба и утописко верување за совршен свет. Спознавањето на душата или самоспознанието придонесува за целосното откривање на вистината, а најмногу за природата која е прапочеток на живите суштества. Вакво метафизичко размислување се појавува и кај Фројдовото толкување на вистината, внатрешниот живот на човекот и уметноста“, додава Ристовска.
И.Р.