Полициски час е времето во кое државата бара од граѓаните да не ги напуштаат своите живеалишта. Најчесто се работи за одреден временски период во текот на денот, но доколку е потребно, мерката може да значи и забрана за напуштање на домовите и по 24 часа.
Одлуката се носи како дел од мерките кога во државата има воена или вонредна состојба, но и кога се случуваат големи демонстрации и немири.
Доколку некое лице е најдено надвор од домот додека трае полицискиот час, а нема дозвола за движење додека трае полицискиот час, тоа ќе се соочи со кривична пријава или апсење.
Владата ја изгласа оваа мерка кај нас, а ќе важи секој ден од 21 до 6 часот. Лицата за кои е неопходно, се даваат посебни дозволи. Ќе смеат да излегуваат и лицата кои имаат потреба од лекарска помош, но тие ќе бидат проверувани, како и лицата кои имаат потреба од дијализа, со присуство на уште максумум две лица, но и лицата кои се во животозагрозувачка состојба.
„Од утре се забранува движење на населението во период од 21 часот до 6 часот секој ден. Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање. Мерките мора да ги почитуваме, само така ќе ги спасиме и граѓаните и државата. Веќе ништо не е исто, се промени целиот свет, тоа бара од нас радикални мерки, затоа го воведуваме ова. Според анализите на комисијата за заразни болести, се налага ваква радикална мерка, за да се спречи натамошно ширење на вирусот“, рече премиерот Оливер Спасовски.
Се носи како дел од сетот поголеми рестрикции поради зголемениот број на заразени од коронавирусот, но и поради непочитувањето на мерките и препораките, донесени за борба со коронавирусот.