Почина 80-годишна жена од Штип на Клиниката за Инфективни болести во Скопје, која била позитивна на Ковид 19. Оваа информација за МИА ја потврдија надлежните од Центарот за јавно здравје и Oпштина Штип.
Жената која неколку дена се лекуваше на Клиниката за инфективни болести во Скопје, по што ја изгуби битката со коронавирусот, најпрвин беше хоспитализирана на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница.
МИА веќе информираше дека 80-годишната жена беше примена со дијагноза бронохопневмонија, беа направени два теста кои покажаа дека се негативни, но третиот покажа позитивни резултати на Ковид 19. По нејзиниот случај 14 медицински лици од штипското Инфективно одделение се сместени во самоизолација, односно веќе четврти ден се изолирани двајца лекари, осум медицински сестри и четворица болничари.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев веднаш направи реорганизација. Медицинските сестри се пополнети со кадар од другите одделенија, а на едниот инфектолог на помош од неделата му доаѓа инфектолог од струмичката болница.
Ѓеорѓијев информира дека во моментов на Инфективното одделение се лекуваат пет пациенти позитивни на Ковид 19, од кои двајца се од Штип, а тројца од кочанскиот регион и имаат четворица пациенти кои се со сомнителни симптоми на коронавирус и за нив се чекаат резулатите од тестирањето.