Ако се утврди дека Светската здравствена организација (СЗО) навистина криела информации за коронавирус уште на самиот почеток од неговото појавување, Бугарија треба да престане да плаќа придонеси, па дури и да ја напушти организацијата, смета заменик претседателот на бугарското Национално собрание, Веселин Марешки.
Коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекинување на финансирањето на СЗО, Марески вели дека е очигледно дека организацијата (СЗО) и слични меѓународни структури „се претвориле во огромни бирократски гнезда наменети само за земање пари, а не е јасно чии интереси ги штитат“.
Политичарот посочи дека Бугарија секогаш ги плаќала своите членарини уредно и платила во целост за 2020 година на крајот на 2019 година.
„Зошто плаќаме над сто илјади долари годишно во членарина, ако во толку тешко време не можеме да сметаме на исправноста и поддршката на организацијата ?! СЗО предупреди за заканата кон крајот на февруари, кога веќе беше основан кризен штаб во нашата земја и повеќе од 30 земји веќе објавија за рапидно растечката епидемија. И пред тоа, организацијата тврдеше дека нема потреба да се запрат летовите или да се воведат какви било посебни мерки“, напиша политичарот на својата Фејсбук.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави дека Вашингтон го прекинува финансирањето на Светската здравствена организација. Тој ја оправда својата одлука со тоа што СЗО, наводно, не давала навремена информација за вирусот и исто така не ја соопштувала вистината до светската заедница.