Коронавирусот не допира до Берово, Кратово, Делчево, Дојран…Куманово подготвен за карантин

од Берта Китинска
518 прегледи

Во текот на вчерашниот ден вкупниот број на заразени од Ковид 19 во земјава изнесуваше 1.117, од кои излечени се 139 лица, починати 49 лица. Според најавите на надлежните пикот на епидемијата се очекува кон крајот на април каде бројот на заразени можно е да се движи меѓу 2.000 и 2.500.

Од Ковид-19 се регистрирани случаи во: Скопје – 389, Куманово – 310, Дебар – 51, Штип-32, Прилеп –103, Тетово – 48, Струга – 53, Велес – 43, Битола – 16, Охрид –7, Кавадарци – 4, Гостивар –12, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 4, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 26, и по два во Пробиштип, Кичево и Неготино. Додека во Делчево, Берово, Кратово, Македонска Каменица, Демир Капија, Свети Николе, Дојран нема ниту еден заразен.

Според Институтот за јавно здравје највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Куманово со 218,0 заболени на 100.000 жители, во Дебар инциденцата на 100.000 жители е 183,8, а во Прилеп е 108,1/100.000 жители. Инциденца над 50 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Струга, Велес, Штип, Кочани и Скопје (Табела 2, Картограм 1).

Во однос на дистрибуција по пол, од регистрираните случаи 46.4% се машки, а 53.6% сe женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 50,0/100.000, додека кај женските 58,0/100.000.

Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (медијана – 45 години). Најголем број (n=233) на заболени се на возраст од 50-59 години или 20,9%, каде е регистрирана и највисока специфична инциденца – 83,8/100.000. Кај лица над 60 години инциденцата изнесува 59,2 заболени на 100.000 лица (Графикон 1). Најниска инциденца од 18,8  и 18,4 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 43 и 46 случаи соодветно.

Ќе се примени ли во Куманово, карантинот по примерот на Дебар?

Барањето на Општина Куманово за воведување 14-дневен карантин со целосна забрана за движење на жителите, денеска ќе се најде на седница на Владата.

Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција изјави дека барањата на кумановскиот кризен штаб биле разгледувани на состанокот на Комисијата за заразни болести, а крајна одлука ќе се носи на седница на Владата.

-Предлозите веќе се доставени до Централниот штаб на Владата кој ќе заседава утре, а после тоа ќе има и седница на Владата на којашто ќе се донесат сите одлуки во однос на барањата на кризниот штаб на Куманово, изјави вчера Филипче.

Филипче информираше дека од 210 здравствени работници од болницата во Куманово на кои им биле направени серолошки тестови, кај само двајца биле пронајдени зголемени антитела и тие дополнително ќе бидат тестирани за ковид-19.

Од инфективното одделение пак, седум пациенти се префрлени во Скопје. Сега тој оддел ќе се користи за тријажа и проценка на здравствената состојба на пациентите, а во координација со Министерството за здравство ќе се одлучува дали и кои пациенти ќе одат во Скопје, а кои ќе останат да се лекуваат во Куманово.

Инаку, воведување на засилени мерки за спречување на ширењето на вирусот, вчерауште еднаш побара општински штаб за заштита и спасување на Куманово. Освен што побараа 14-дневна изолација со 24-часовна забрана за движење, апелираа и побрзо да стигаат резултатите од тестирањето за ковид-19.

Дека во Куманово се неопходни посебни мерки за стопирање на жариштата, смета и претседателот на државата Стево Пендаровски кој во своето обраќање после седницата на Советот за безбедност ја повика Владата да размисли за имплементација на слични или исти мерки за заштита, како што се воведоа со прогласување на кризната состојба во Дебар и Центар Жупа.

Слични содржини