Српски пулмолог: Цигарите нѐ штитат од коронавирусот, кој пуши има подобра клиничка слика

од Nikola Popovski
246 прегледи

Српскиот пулмолог и член на кризниот штаб, Бранимир Несторовиќ, изјавил дека „умерените пушачи ретко имаат тешка клиничка слика и се покажало дека никотинот штити од вирусот“.

„Цигарите ги оштетуваат белите дробови, јас сум против таа лоша навика, но се покажа дека оние кои пушат од пет до 15 цигари на ден немаат потешки клинички слики“, рекол Несторовиќ, гостувајќи во емисијата „Фокус“ на тв „Б92“, што е крајно атипично за еден специјалист по пулмологија, со оглед на тоа што скоро сто проценти од лекарите советуваат пациенти да престанат со пушењето за да не се наруши нивното здравје.

Тој исто така додал дека никотинот може да се инјектира во организмот и преку поинаков начин, не само преку цигари, како и дека нането содржи повеќе никотин во својот лист отколку тутунот.

Не е првпат Несторовиќ да дава контроверзни изјави на јавни настапи. Тој на прес-конференцијата на 26-ти март изјави дека коронавирусот е „најсмешниот вирус во историјата на човекот“, дека жените се заштитени од естрогените и дека можат слободно да одат на шопинг во Милано среде пандемијата.

Во гостувањето во една друга емисија, тој рече дека „оваа криза е до одреден степен комунизам, социјализам, дека оние што имаат најмногу ќе страдаат најмногу“. Богатите луѓе, рече тој, ќе изгубат пари, додека „сиромашните немаат што да изгубат, тие можат само да го изгубат животот“.

Поради неговите јавни настапи, многу професори и лекари од Медицинскиот факултет во Белград, изјавиле дека изјавите на Несторовиќ се многу непрофесионални и неетички.