Грчкиот министер за туризам, Хари Теохарис, рече дека земјата сака, како и секогаш, да ги пречека гостите ова лето, но ќе продолжи да презема мерки на претпазливост и да покаже лидерство во управувањето со пандемија, наметнувајќи правила за да може секој да се чувствува безбедно.
Тој рече дека е многу важно, бидејќи моторот на економијата бил рестартиран, како да се овозможат патувањата и како тоа да се направи одговорно, објави АНА.
Запрашан дали мерките вклучуваат услов туристите да има негативен тест за коронавирус пред заминувањето, грчкиот министер потврди дека ова е една од идеите за кои разговарале грчките епидемиолози, иако сè уште не било решено и најверојатно ќе имаат одредени барања пред да дојдат туристите.
Теохарис посочува дека е јасно дека Грција сака луѓето да ја посетуваат земјата во текот на летото, пренесува Танјуг.
„Да, сакаме луѓето да дојдат во Грција. Секако, ќе преземеме мерки на претпазливост во однос на барањата пред патување, но и за начинот на кој ќе патуваме, за начинот на кој ќе претстојуваме, за плажите и др.“, потенцира грчкиот министер за туризам и додава дека ќе важат правилата за социјална оддалеченост.
Тој соопшти дека тие повеќе од 50 години ги дочекуваат туристите и дека сакаат да продолжат да покажуваат гостопримство, по кое се, како што вели тој, насекаде познати.