Денеска се одбележува 26-годишнината од смртта на еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, Бразилецот Аиртон Сена.
Сена загина на 34-годишна возраст откако изгуби контрола над својот болид при брзина од над 300 км на час и удри во ѕид на кривината Тамбурело на патеката Енцо и Дино Ферари во Имола. Еден ден порано, на истата патека, за време на квалификациите, Австриецот Роланд Раценбергер го загуби животот на истото место.
Тој е роден како Аиртон Сена да Силва во бразилскиот Сао Паоло на 21 март 1960 година. Поради проблеми со координацијата на движењето, неговиот татко го убедил како дете да започне да вози картинг.
Како тинејџер се закити со награди во картинг и во 1982 година се пресели во Англија за да продолжи професионална кариера во Ф1. Го имаше своето деби во Ф1 во 1984 година. Го привлече вниманието на светската јавност истата година на ГП во Монако, кога ги остави зад себе на патеката Михаел Шумахер, Алан Прост, и беше зад петите на Ники Лауда, и покрај тоа што дождот беше толку интензивен што трката беше прекината. Сена заради тоа возење го доби прекарот „Дождовен човек“. Првата победа ја оствари во 1985 година во Португалија. Сена во кариерата забележа 41-та победа, уште 39 пати се најде на подиумот. Легендарниот Бразилец освои три шампионски титули (1988, 1990, 1991) и останува запаметен како кралот на квалификациите и најдобриот возач на дожд во Ф1 историјата.
На денот на несреќата, Сена го возеше болидот на Вилијамс и ја започна трката како прв на патеката. Снимката од камера поставена во болидот на Шумахер покажува дека болидот на Сена се лизнал двапати во седмиот круг, предизвикувајќи да излета надвор од патеката на кривината Тамбурело и да удри во бетонски ѕид што не бил заштитен со гуми. Со тешки повреди, тој бил пренесен со хеликоптер во болница во Болоња. Почина неколку часови подоцна, поради повреди на главата. Снимката од несреќата го обиколи целиот свет и шокираше милиони луѓе, а денес се смета за еден од најтемните моменти во историјата на спортот. Во декември 2009 година, британското списание Autosport го прогласи за најдобар возач на сите времиња, според гласовите на 217 сегашни и поранешни возачи.