Адвокат Белешкова за ИРЛ: Судските пресуди не можете да ги толкувате како ви чини

од Vladimir Zorba

Судските пресуди на се лажни и клеветнички, судските пресуди се потврда на фактите и не се предмет на слободно лаичко толкување. Затоа и со цел подобро разјаснување на работите и претставување на фактичката состојба којашто не дава простор за толкување, ја пренесувам изреката на Пресудата каде јасно стои на три места на првата страна во пресудата од Основен суд дека Судот утврдил клевета како и потврда за истото од Апелациониот суд на страна 1 и страна 6, реагира Адвокат Бенита Белешкова.

Во образложението на Пресудата на 3 места јасно е констатирано дека Судот по внимателна и грижлива анализа утврдил граѓанска одговорност за сторена клевета. Само во првата пресуда на 6 места Судот јасно кажува и тоа во двата најбитни елементи на Пресудата – Изреката на одлуката. Во Изреката на Пресудата на Апелациониот суд јасно се потврдува пресудата за утврдена клевета. И во образложението на пресудата од Апелација јасно на 3 места се потврдува сторената клевета и изјава на ИРЛ која содржи невистинити факти, истакнува таа.

Во прилог на ова соопштение ги пренесе и двете пресуди, и тоа:

– На Основниот граѓански суд во Скопје, каде што ќе прочитате на прва страница:

„СЕ УТВРДУВА граѓанска одговорност за сторена клевета на првотужениот Здружение на граѓани ИСТРАЖУВАЧКА РЕПОРТЕРСКА ЛАБОРАТОРИЈА ИРЛ Скопје……..(во прилог целата пресуда)

– На Апелациониот суд во Скопје, каде што ќе прочитате на прва страница:

ПРЕСУДАТА НА Основен граѓански суд Скопје 115-42/20 од 07.12.2021 година СЕ ПОТВРДУВА. (во прилог пресудата)

„Како адвокат би им посочила на ИРЛ да го прашаат нивниот правен застапник што значи ова. Со целосна почит кон новинарската професија, но ова се ПРЕСУДИ – нив не можете да ги толкувате како „вам“ ви чини. На крај да повторам, ИРЛ – каде што главен и одговорен уредник е Сашка Цветковска направиле КЛЕВЕТА, утврдено во пресуда на Основен суд, потврдено од Апелациски суд“, порача адвокатката во својот допис.

ИРЛ вчера ги демантираше наводите на адвокатот Бенита Белешкова која од компанијата „Белешков Инженеринг“ од Крива Паланка ДООЕЛ и од бизнисменот Предраг Велиновски – Белешка во кои што тие тврдат дека емисијата на ИРЛ Оградена иднина била лажна и невистинита.

ИРЛ демантира дека одговорниот уредник Сашка Цветковска била осудена по било кој основ од страна на судот за сторена клевета и навреда против „Белешков Инженеринг“, што може да се види и од самата пресуда во прилог.

„Адвокатката Бенита Белешкова лажно ги пренела фактите од пресудата. Имено, Белешкови бараа судот да ги осуди ИРЛ и одговорниот уредник Сашка Цветковска за следниве наводни клевети кои што се извадоци до напишаниот текст на ИРЛ. Тужбеното барање во судската пресуда е одбиено по овие основи:

„Aлчност и трговија на влијанија на грбот и на сметка на Крива Паланка” (Оваа реченица ИРЛ ја користи за да ги објасни ефектите од ваквиот тип набавки);

„Ќарот оди кон мала клика на луѓе добро поврзани со центрите на моќ од оваа или онаа страна”;

„Спорен тендер, за луксузна ограда во едно мало и сиромашно село, тоа значи дека не можеле да конкурираат сите туку само оние кои ги кани општината”;

„На четвртата страна стои старата ограда која наводно претставувала опасност за безбедноста“;

„Внукот на газдата работи во општината како советник за просторно и урбанистичко планирање“;

„Белешков е миленикот на сите влади и сите администрации“;

„Тој постојано ги реновира паланечките училишта и постојано и постојано има потреба од нови реновирања. Белешков многу сака да реновира, а сите власти тоа му го овозможуваат“;

„Скапи училишни тоалети кои чинат 80.000 евра, општински згради кои се распаѓаат после само три години, фирмата Белешков оградата во Жедилово си ја градел без воопшто да побара градежна дозвола”;

„Продолжува да профитира на сметка на промашени проекти и нетранспарентни постапки. Тој е најголемиот корисник на тендери во времето на ВМРО-ДПМНЕ, бил и нивни донатор, а сега работи со новата власт”;

Тужбено барање кое е прифатено

Набавката се направила без оглас (Во написот на ИРЛ стои дека набавката е направена без оглас, со поедноставена постапка со прибирање понуди, додека во реалноста набавката била направена со оглас со поедноставена постапка. Делот во којшто ИРЛ тврди дека тендерот немал конкуренција, а којшто Белешков го нашол исто така за спорен, Судот му го одбил како неосновано).

Граѓанскиот суд поради ова ценеше дека нема зошто да им се пресудуваат бараните штети на тужителите и во најобемниот дел целосно ги отфрли нивните барања за досудување клевета.

Компанијата „Белешков Инженеринг“ е моќна компанијата во малата Крива Паланка и за време на нашиот престој во градот ИРЛ работеше под притисоци од страна на лица поврзани со тамошната власт и пријателите на Предраг Веселиновски. Нашите извори бараа да се гледаме ноќе во летни кујни и подруми затоа што се плашеа од одмазда.

ИРЛ е под постојан напад, закани, притисоци и црни пиар кампањи на корумпираните личности кои што ги истражуваме и за кои што пишуваме.

Воедно, со оваа реакција упатуваме и јавно барање за извинување од адвокатката Бенита Белешкова, од компанијата „Белешков Инженеринг“ и од Предраг Велиновски бидејќи во јавноста лажно, селективно и клеветнички ја претставуваат фактичката состојба. Истото барање го упатуваме и до медиумите кои тврдат дека ние сме обвинети иако станува збор за граѓанска постапка по тужба, а не по предлог на јавен обвинител и дека во граѓанската постапка, помеѓу другото, таквите медиумите, исто како Белешкова, ќе треба да докажуваат на кој начин ние сме биле обвинети и на кој начин сме дистрибуирале лажни и клевентички содржини“, стои во демантот на ИРЛ.

Слични содржини