Адвокат на Навални: Алексеј префрлен во затворската болница за лекување на туберкулоза

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој штрајкува со глад во затвор од крајот на март, се наоѓа во затворската болница специјализирана за лекување на туберкулоза, објави денеска еден од неговите адвокати, Вадим Кобзев.

Кобзев на Твитер навел дека Навални бил примен во болницата во неделата и дека примил глукоза преку инфузија, пренесува „Ројтерс“.

Во меѓувреме, АП објави дека неколку лекари биле спречени да ја посетат затворската болница во која се лекува Навални, кој во неделата беше префрлен од затворот на истокот на Москва во затворската болница во Владимир, град на 180 километри оддалеченост од главниот град на Русија.

Навални беше префрлен во затворската болница во Владимир, откако неговите адвокати и соработници рекоа дека неговата здравствена состојба е драматично влошена.

Неговата лична докторка Анастасија Васиљева предводеше тим од тројца други здравствени експерти, кои се обидоа да го посетат Навални во затворската клиника и затворот ИК-3 во Владимир, но, според АП, им бил забранет влез откако чекале со часови пред портата.

Наводите дека здравствената состојба на Навални брзо се влошила предизвика гнев кај меѓународната јавност, а Соединетите држави ја предупредија Москва дека ѝ се закануваат „сериозни последици“ доколку тој умре во затвор.

Слични содржини