АХВ ќе спроведе контроли во сите училишта во Карпош по труењето со салмонела

од Nikola Popovski

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и стручни лица од Центарот за јавно здравје, спроведуваат вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна ДПТУ „Ванила фоод“ – ДООЕЛ Скопје и добавувачите на суровини за овој оператор, кој со храна снабдува неколку кујни на основни училишта во Општина Карпош, поради пријави на случаи со стомачни тегоби и лабораториски потврди на салмонела. Вчера, спроведен е вонреден надзор во кујните на основните училишта, „Владо Тасевски, и „Димо Хаџи Димов“, а денес со вонредниот надзор, опфатени ќе бидат училиштата „Јан Амос Коменски“ и „Војдан Чернодрински“.

-Превентивно, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведат вонредни инспекциски надзори во кујните на сите училишта во оваа општина кои со храна ги снабдува овој оператор, поточно и оние училишта каде нема потврдено случаи на заразени ученици со салмонела. По завршување на вонредниот надзор и по добивање на резултатите од лабораториските тестирања, јавноста ќе биде известена за резултатите и причинителот – вели Николче Бабовски, директор на АХВ.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат соопшти дека во соработка со АХВ и Центарот за јавно здравје вчера спровеле вонреден инспекциски надзор во кујните во основните училишта „Владо Тасевски“ и „Димо Хаџи Димов“ и во магацинскиот простор на „Ванила фуд“, а во текот на денов со инспекцијата ќе бидат опфатени и училиштата „Јан Амос Коменски” и „Војдан Чернодрински”.

Во текот на вчерашниот ден беше објавено дека девет деца од три основни училишта во Општина Карпош се заразени со салмонела.

Слични содржини