Алтернатива: Штетните политики на ДУИ ја празнат С. Македонија, алармантен егзодус на младите Албанци

од Stefanija Kuzmanovska

Последната анализа на Вестминстер фондацијата за демократија покажува дека меѓу двата пописи на населението, од 2002 до 2021 година, 77.000 млади лица ја напуштиле земјата. Бројот на млади лица во земјава е намален за 6 отсто и младите лица сега сочинуваат само 18 отсто од населението, додека на претходниот попис изнесуваше 24 отсто, соопштуваат од Алтернатива.

„Алармантните бројки ги гледаме и во пракса. Го слушаме како проблем на секоја средба со граѓаните и во секое семејство што го посетуваме. Речиси и да нема албанско семејство кое во последните години не испратило младо лице на Запад. Сето тоа поради немањето перспектива кај нас, длабоката економска криза, непотизмот и партизираноста на институциите.

Целата оваа миграција, која ја празни Северна Македонија од Албанците, има една адреса и еден сценарист: ДУИ и Али Ахмети. ДУИ две децении на власт не успеа да создаде услови за економскиот развој на регионите населени со Албанци, не успеа да создаде работни места, да го зајакне образованието.

Се докажа дека ДУИ за 20 години на власт размислуваше само за благосостојбата на своите функционери и нивните семејства. Членовите на семејството на Али Ахмети сега трошат милиони за да купат трговски центри, како СОРАВИЈА, додека повеќето албански семејства ги испраќаат своите синови на Запад за да ја обезбедат нивната егзистенција.

Ова злосторство врз албанскиот народ, со неповратни национални последици, мора и ќе заврши на следните парламентарни избори. Албанците ќе ја осудат ДУИ за своите антинационални политики“, додаваат од партијата на Гаши.

Слични содржини