Грчкото општество и грчкиот народ е „во мрак“ кога станува збор за конкретното прашање меѓу двете земји

Кој стои зад протестот? Како течат подготовките? Каква порака ќе упатат Грците до владата? Ќе добие ли собирот карактеристики на антивладин протест? – се само дел од прашањата што ги поставува и ги анализира МИА во пресрет на демонстрациите во Атина закажани за денеска напладне.
Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици утре на плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент, јавува дописникот на МИА од Атина, ќе се одржи долго најавуваниот протест. Сите погледи во Грција се вперени кон собирот. Грците, според најавите масовно „ќе го бранат името Македонија“. Од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, ќе пристигнат во „еднодневна екскурзија“ во грчката престолнина. „Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од вчера започнаа со подготовките на Синтагма. Поставија звучници на централните улици, а денеска се подготвува бината. Паралелно со организаторите, се подготвуваше и грчката полиција. В недела ќе бидат затворени три метро станици и речиси сите улици околу плоштадот Синтагма, а граѓаните кои што ќе сакаат да учествуваат во протестот, за да стигнат до центарот на Атина, веројатно ќе имаат само една опција – пеш.
Најавите од организаторите, преку грчките медиуми се дека од цела Грција, во Атина ќе стигнат 2000-2500 автобуси, од Солун најавија дека на секои пет минути ќе тргнува по еден автобус за Атина, а доколку овие најави се остварат и доколку во секој автобус има во просек 50 лица тогаш само од останатите градови и села, во Атина ќе пристигнат од 100 до 125 илјади Грци
ДЕНЕШНИОТ ПРОТЕСТ ВО АТИНА ПОД ЛУПА – ПРОТЕСТ ЗА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ИЛИ АНТИВЛАДИН ПРОТЕСТ? (ПРВ ДЕЛ)
Медиумите во Грција поделени околу протестот, грчката православна црква даде поддршка, Вселенскиот патријарх повика на трезвеност, организаторите очекуваат минимум 1 милион граѓани на Синтагма. За улогата не медиумите, црквата, но и кои се „македонските“ организации што стојат за протестот, анализира денеска МИА во вториот дел посветен на денешниот протест во Атина.
Медиумите во Грција поделени
Протестот во Солун не беше телевизиски покриен од ниту една телевизија со национална концесија, немаше пренос во живо, туку собирот можеше да се следи само онлајн преку грчките портали.
-Би рекол дека на првиот протест во Солун медиумите беа фатени неподготвени. Веројатно не очекуваа толку многу народ. – коментира Јоргос Влавианос од ТВ „Стар“.
За разлика од пред 2 седмици, сега постои многу поголема мобилизација кај медиумите. Протестот во Атина, речиси секојдневно, заедно со прашањето и разговорите за името е дел од насловните страници на весниците, но и една од главните теми во вестите и информативните емисии на грчките радија и телевизии. Доколку се направи споредба на провладините и опозициските медиуми, разликата е очигледна. Првите објавуваат за собирот, но со акцентот ставен на тоа дека постојат радикално десничарски елементи, вмешаност на опозицијата и обид да го карактеризираат како антивладин протест. Вторите коментираат дека ќе биде масовен, патриотски собир на кој ќе се испрати порака до владата во однос на преговорите за името.

Ѕимас од „Катимерини“, коментира дека медиумите низ целиот свет се исти и понекогаш повеќе ги интересира гледаноста и тиражот.
-Се зависи од информациите што ги имаме ние новинарите околу овие прашања и намерата да ги информираме, а не да ги импресионираме и поделиме граѓаните. – коментира искусниот новинар.
Атанасопулос од весниците „То вима“ и „Та неа“, вели дека тешко може да се одговори прашањето за тоа каква улога играат медиумите во целата приказна наречена „протест за Македонија“.

-Медиумите веројатно се поделени. Сите го прикажуваат протестот, одредени претеруваат, некои други сакаат да го потценат. Но не е неопходна потребата од нивен придонес. Поголема мобилизација и многу поголема поларизација постои на социјалните мрежи меѓу поддржувачите и противниците на собирот. – вели Атанасопулос.
Неговиот колега од грчката телевизија „Стар“, за МИА коментира дека де факто протестот ќе биде главна тема.
-Не треба да заборавиме дека на крај е едно прашање што е поволно за политичка експлоатација. Колку партиите и да не го признаваат тоа. – коментира новинарот Влавианос.
ГПЦ го поддржа протестот, вселенскиот патријарх повика на трезвеност
Во пресрет на протестот во Солун, ГПЦ излезе со мека позиција, а архиепископт рече дека не го поддржуваат собирот. 2 седмици подоцна, со официјални претставници, тројца митрополити од Светиот синод, грчката православна црква ќе учествува на протестот.
-Црквата на Грција ќе учествува преку потпретседателот на Светиот синод, Митрополитот од Сирос, господинот Доротеос, кој ќе ги го прочита соопштението на Светиот синод, придружуван од митрополитот од Драма господинот Павлос и од Хиос, господинот Маркос.- соопштија од ГПЦ во средата.
Ставот на грчката православна црква е дека не треба да биде вклучен терминот Македонија ниту изведените зборови во името на нашата земја, затоа што влеат дека тоа ќе има влијание и на црквното прашање и потенцираат дека целиот спот има и црковна димензија.
Освен митрополитите од цела Грција, протестот го поддржа и здружението на свештени лица, додека пак црквите се организираат и во однос на превозот до Атина. Според грчкиот весник „Катимерини“, одредени митрополии полнат автобуси за учество во протестот.
Во петокот вечерта со став излезе и вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој повика на трезвеност и воздржаност.
Утрешниот протест во Атина под лупа – протест за името Македонија или антивладин протест? (прв дел)
-Вселенската патријаршија како мајка црква на сите православни цркви на Балканот, во врска со разговорите за прашањето на името на ПЈРМ, упатува повик до сите засегнати за трезвеност и воздржаност, за мирно и внимателно соочување со ова критично и деликатно прашање. – вели вселенскиот патријарх.
Кои се организаторите на протестот?
Според доделената дозвола од општина Атина, официјален организатор на протестот е „Координативниот комитет на сенационалниот –сенароден протест на Семакедонските сојузи од светот“ со 4 претставници: Нина Гаѕули од „Семакедонските сојузи од светот“, Михалис Пацикас од „Термаикос ора миден- непартиски граѓани“, „Јоргос Тациос“ претседател на „Културните здруженија на Македонија“ и Георгиа Битаку – новинарка, организаторка на протестот.
Четворицата претставници, секојдневно, преку грчките медиуми ги пренесуваа нивните ставови, повици и информации околу протестот. Но, кои се всушност овие организации?
Столб на првата организација се Семакедонските сојузи од САД, а Нина Гаѕули на нивниот официјален сајт ја опишува историјата на организацијата. Формирана е 28 април 1946 во САД, а според весникот „Ефимерида тон синдактон“, создавањето било во рамките на студената војна за борба со внатрешниот непријател во рамките на дијаспората.
Грчките Семакедонски организации, јавува дописникот на МИА од Атина и во минатото беа активни кога станува збор за Македонија и прашањето за името, меѓутоа без никој во Грција да им даде посебно значење. Во пресрет на парламентарните избори во Грција во 2012, испратија допис до кандидатите за пратеници за да им порачаат да не се согласат со терминот
-Ја повикуваме владата што ќе биде избрана веднаш да побара издавање на соодветна резолуција во грчкиот парламент како што е одлучено на Советот на лидерите на партиите во април 1992та, а претходно да биде известена меѓународната заедница за причините за оваа одлука. – напишаа во соопштението пред 6 години.
Во 2010 на 64от годишен конгрес во донесената резолуција барале грчкиот парламент да спроведе гласање за признавање на македонскиот идентитет како дел од грчкиот.
Нина Гаѕули од организацијата, во интервју за Huffingtonpost.gr, вели дека оствариле средба со шефот на грчката дипломатија за време на неговата посета на САД, а исто така се сретнале и со поранешните грчки премиери Костас Караманлис и Андонис Самарас, со лидерот на Независни Грци, Панос Каменос и претседателот на Сојуз на централисти, Василис Левендис.
Дел од Семакедонските сојузи од светот е и Семакедонскиот сојуз од Австралија. На нивниот сајт, објавени се и нивните барања. „Културно, етнографски и историски“, ни помалку ни повеќе ги бараат „Битола, Гевгелија, Струмица, Охрид, Крушево, Петрич, Благоевград, Источна Румелија, Истанбул, Анадолија, Кипар, Јужна Албанија..“
„Термаикос ора миден“ – непартиски граѓани“ е движењето што на протестот во Солун се појави како главен организатор. Претставници на движењето се Михалис Пацикас кој бил генерален секретар во движењето „Спита“ на Микис Теодоракис, и Отон Јаковидис, исто така член движењето на грчкиот композитор. Според „Ефимерида тон синдактон“ последниот, на неговиот личен сајт посебно ги истакнува поранешната претседателка на грчкиот парламент Зои Константопулу и Владимир Путин.
Георгија Битаку е една од претставниците на организаторите која во изминатите денови на грчките телевизии говореше за протестот во Атина. Се самоопределува како новинар, а според грчките медиуми, Битаку е организатор на натпревари во боречки вештини „ No Limits“ во Грција.

„Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“ е исто така меѓу главните организатори. Станува збор за организација формирана во 2014, а како главна цел, според официјалните позиции на нивниот сајт, имаат „зачувување на автентичната македонска традиција како нераскинлив дел од грчката традиција“ и „одбрана на името на името на посебната татковина од псевдо-иредентистичките заговори на странски центри вон Грција“.
На 28 ноември минатата година претставниците на „Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“, како што веќе објави МИА, ја посетија премиерската палата во Атина и остварија средба со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос. Му ја предадоа нивната резолуција во која бараат терминот Македонија да не биде вклучен во името, согласно одлуките од лидерската средба во 1992, а доколку оваа одлука не е повеќе во сила, тогаш бараат распишување референдум. Со средбата со Павлопулос, беше означен и почетокот на нивната кампања „Македонија значи Грција“.
Според организаторите, протестот во Солун чинел 6500 евра, а трошоците за денешниот, се покриени од дијаспората, особено од Грците што живеат во САД, како и од „Македонци, компании и физички лица што сакаа да помогнат.“
Исто како и во Солун пред 2 седмици, така и во Атина, јави дописникот на МИА од Атина, организаторите ќе издадат резолуција која ќе ја достават до претседателот на државата, до премиерот и до претседателот на парламентот.
Автор Сања Ристовска / МИА