Андреј Божиќ на средба кај претседателот Пендаровски

од Radmila Tasevska

Гувернерот на Ротари дистриктот Д-1912 Северна Македонија и Словенија, Андреј Божиќ оствари средба со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. На едночасовната средба, гувернерот Божиќ ги презентира хуманитарните акции што Ротари клубовите ги реализираат во двете држави во насока на поддршка на заедницата. На состанокот со Претседателот беше присутен и Горан Митевски, асистент на Гувернерот, односно координатор на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија.

„Огромна благодарност до македонските институции, посебно на Претседателот на државата Стево Пендаровски за препознавање и поддршката на нашата ротаријанска мисија, а тоа е да помагаме секаде каде што е потребно. Како хуманитарна организација, речиси три децении, помагаме во Словенија и во Северна Македонија, одвојувајќи дел од нашето време, внимание, пари, емпатија и љубов. Како поединци, организирани во клубови како основна единица на Ротари сојузот, сме успешни и реализирани луѓе, секој во својата област, но вложуваме дел од нас при поддршка на оние на кои најмногу сме им потребни“, истакна Божиќ на средбата со Претседателот.

Според него, парите не секогаш се решение за предизвиците со кои се соочуваме, туку најчесто потребни се добар збор, малку внимание, подадена рака. „Затоа, сме благодарни за подадената рака од Претседателот Пендаровски во исполнување на нашата мисија“, рече Божиќ.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од реализација на активностите на сите Ротаријанци во Северна Македонија и во Словенија, поттикнувајќи ги членовите на оваа заедница уште повеќе да ја покажат и докажат својата хуманост, да го зголемат својот број и да посветуваат уште поголемо внимание на потребите на заедницата. Од кабинетот на Претседателот информираат дека тој ги поддржува сите сојузи, здруженија и клубови кои имаат мисија да дадат поддршка на заедницата.

Слични содржини