Ангелов ја демантира Ванковска: Лицата кои ќе бидат вработени во ЦУК без искуство не добиваат професорска плата

од Nikola Popovski

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов ја демантира професорката Билјана Ванковска, која утрово објави текст на социјалните мрежи во врска со за огласот за вработување на определено време во ЦУК. Ангелов информира дека огласени се 13 работни места за кои се бара завршено средно образование и притоа во огласот, според закон, е наведена месечната БРУТО плата за овие работни места која прикажана во НЕТО износ се движи околу 18.600 денари (302 евра).

-Со завршено високо образование побаруваме 13 лица од кои 7 се предвидени со образование ОДБРАНА при што поимот “одбрана” е дефиниран во квалификацијата на Министерството за информатичко општество и администрација. Значи, не е точно вашето тврдење “куриозитет е (ако не грешам) дека за ниту едно работно место не се бара кадар од Институтот за безбедност, одбрана и мир”, појаснува Ангелов.

Директорот на ЦУК истакнува дека платите кај работните места се наведени во БРУТО износ, но најниската предвидена плата со високо образование без работно искуство е околу 22.000 денари (околу 360 евра) а највисоката околу 28.000 денари (околу 450 евра).

-За трите највисоки позиции, во согласност со Закон, се бара и три години соодветно работно искуство, што е спротивно на вашето тврдење. За да бидеме докрај транспарентни би ве замолил јавно да ја објавите висината на вашата плата за да го поткрепите вашето тврдење дека лицата кои ќе бидат вработени во ЦУК „без искуство, со прво вработување, добиваат професорска плата“. Дали вашата плата е 360 евра? Или можеби е малку повеќе?, прашува Ангелов и додава во својата објава: „Професорке, не е добро да се шират лажни информации но сепак без разлика на се’ ви посакувам добро здравје и долг живот“.

Ванковска објави дека видела оглас за 26 работни места во ЦУК.

-Без искуство, со прво вработување, добиваат професорска плата. Куриозитет е (ако не грешам) дека за ниту едно работно место не се бара кадар од Институтот за безбедност, одбрана и мир. А нашите студенти се утепаа од учење за кризен менаџмент, за цивилна одбрана и заштита, за ЦУК и тн. И на сето ова додаваш вести за зголемување даноци и инфлација до небо, со највисоки цени на лебот, и си велиш: отишло се’ по ѓаволите, а уште ни есен не дошла (деца на школо, огрев, и сл.), напиша професорката на социјалните мрежи.

Слични содржини