Англискиот јазик официјален на цела територија на САД

од Даниел Ѓорѓиевски
68 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која англискиот се прогласува за официјален јазик на Соединетите Американски Држави (САД), јавува денеска Радио Слободна Европа (РСЕ).

Трамп потенцираше дека вака ќе се обезбеди „обединето и кохезивно општество“ во нација која долго време се гордее со својата мултикултуралност, истакнувајќи дека тоа е првпат САД да имаат официјален јазик на национално ниво, иако околу 30 американски држави го назначиле за свој официјален јазик.

„Од основањето на нашата Република, англискиот се користи како наш национален јазик“, нагласи Трамп во наредбата, посочувајќи дека официјалните историски документи на американската нација, вклучително и Декларацијата за независност и Уставот, се напишани на англиски јазик, поради што смета дека англискиот одамна требало да биде прогласен за официјален јазик.

Помеѓу експертите владее загриженост за ефектот што ова ќе го има врз неанглиското говорно подрачје, кога станува збор за прашањата за имиграција, процедурите за гласање и пристапот до помош. Според нив, потегот ја поништува одлуката на поранешниот претседател Бил Клинтон со која се бара од владините агенции и организации кои добија федерални средства да обезбедат јазична помош за неанглиското говорно подрачје.

Во документот се наведува дека „од раководителите на агенциите не се бара да го менуваат, отстрануваат или на друг начин да го запрат давањето  на документи, производи или други услуги подготвени или понудени на други јазици освен англискиот“.

Според американската влада, луѓето во САД комуницираат на повеќе од 350 јазици.

Слични содржини