Одбраната тврди дека притворот на Кочан е напад врз слободата на говор

Во Апелациониот суд на јавна седница, Специјалното јавно обвинителство и одбраната на Сеад Кочан ги соочуваат аргументите „за“ и „контра“ решението за притвор
„Притворањето на Кочан ја повредува слободата на мисла и на говор“, ова е еден од аргументите против притвор кои што одбраната на бизнисменот Сеад Кочан во моментов ги образложува пред Апелациониот суд.
Адвокатот на Сеад Кочан, Никола Додевски со став дека : “Нема потреба од притвор. Единствената потреба за притвор е тој да биде затворен, а неговиот медиум замолчен. Не знам од кои причини. Обвинителството бара притвор за Сеад Кочан затоа што тој е сопственик на Телевизијата Нова, а не затоа што учествувал на тендер“, рече адвокатот на Кочан, Никола Додевски.
Додевски вели дека работата за која е добиена јавната набавка е завршена и за сите, освен за СЈО, било ирелевантно дали машините кои ги понудило конзорциумот биле земени на лизинг, позајмени или купени.
Притворот за Кочан го побара СЈО во врска со предметот „Труст“ каде што тој како овластено лице на семејната компанија „Трансмет“ се сомничи дека го оштетил буџетот на државата за 17 милиони евра.
Од СЈО тврдат дека има силни аргументи за обвинението за сторениот криминал, и очекуваат бараните мерки да останат на сила , за да може понатаму да се работи на истрагата и разоткривање на можни други стрители во предметот, а на кои до колку лицето е на слобода може да влијае.
Специјалното јавно обвинителство вели дека осомничениот Сеад Кочан заминал на службен пат еден ден откако Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор за случајот „Труст“ на СЈО. Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски го кажа ова на денешната јавна седница на Апелацискиот суд на која се расправаше по жалбата на одбраната на Кочан, првоосомничен во „Труст“, против одлуката на Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 и додаде дека Кочан е избеган и никој не знае каде е веќе седум дена
МВР по него распиша потерница, додека адвокатот Додевски тврди дека е на службен пат.Сепак тој не открива каде и во која држава заминал на службен пат.

Тврдењата на неговиот адвокат дека тој е слободен човек, а решението за притвор е незаконско, за дел од адвокатите се лични толкувања. Според адвокатот Сашо Дуковски законот е јасен – жалбата не го суспендира решението за притвор.
Јани Нича, Лилјана Шопова и Африм Фидани се судиите кои ќе одлучуваат по жалбата на одбраната на Кочан за притворот кој беше доделен од Кривичниот совет и нивната одлука ќе биде конечна.
Седницата заврши, а одлука тричлениот судски совет ќе донесе дополнително.
И додека МВР трага по Кочан, а Апелација решава ,во неговите фирми се прават рокади. Порталот Нова ТВ објави дека сопругата на осомничениот бизнисмен , Асмира Кочан, се повлече од менаџерската позиција во „Трансмет Лаб ДООЕЛ“, нов директор сега е Селма Кочан, помлад член на семејството Кочан.