Министерството за правда на САД во неделата објави дека е уапсен политичар од Ново Мексико во врска со нападот на американскиот Конгрес на 6 јануари, по што тој изјавил дека има намера повторно да замине во Вашингтон со огнено оружје во знак на протест против инаугурацијата на идниот американски претседател Џо Бајден.
Квој Грифин, окружен претставник во Ново Мексико и основач на групата „Каубои за Трамп“, беше меѓу илјадниците кои упаднаа во Конгресот во обид да ја спречат победата на Бајден над претседателот Доналд Трамп – тој стоел на скалите на зградата, но не влегол во неа, објави агенцијата Хина.
Властите соопштија дека тој се вратил во Ново Мексико по немирите, каде на состанокот на округот Отеро на 14 јануари кажал дека планира да се врати назад во Вашингтон со пушка и револвер за да протестира против инаугурацијата на Бајден.
Не беше веднаш јасно дали Грифин носел огнено оружје кога бил уапсен во неделата, а тој беше обвинет затоа што влегол нелегално и останал во забранетата зона.