Арсовска уверува дека мостот „Беласица“ е безбеден: Луѓе од дома во пижами ширеа лаги дека треба нов мост

од Nikola Popovski

Жал ми е што личности од институциите пласираа дезинформации и манипулации за мостот Беласица. Во Македонија постојат закони кои мораат да се почитуваат и важат и за институциите, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за мостот и истакна дека тој има минорни оштетувања.

Според неа, ЕСМ ја презеде обврската за санација во долниот дел и дури после тоа треба да се почне со поставување на цевките за топлинска енергија кои што се извадени после пожарот што во месец мај го зафати мостот.

-Несоодветно е во јавноста да презентираме преписки за монтажата на тие цевки. ЕСМ не ја говори вистината. Не можеме да правиме нешто што не е наша надлежност. Самите ќе видите кој ќе го санира мостот пред да се стават цевките, додаде Арсовска.

Градоначалничката е децидна дека мостот е безбеден и сигурен и тоа го имаат како податок според вештачењето. Сепак, вели дека за да се пушти во целост, треба санација во долниот дел.

-Тоа е предусловот и за да се монтираат цевките на топловодот. Не може монтажа без санација. Јас верувам дека ќе го направат додека не почне грејната сезона. ЕСМ ја презеде обврската, рече Арсовска и додаде дека нема да биде вина на Градот Скопје доколку дојде до проблеми со грејната сезона.

Градоначалничката најави и постапки против лица кои што ширеле лаги и невистини за безбедноста на мостот „Беласица“. Како што вели, „луѓе од дома од пижами лажеа дека ќе требало нов мост да се гради“.

Слични содржини