Американскиот претседател Доналд Трамп го формираше „Одборот на мирот“ за Газа, официјално започнувајќи ја втората фаза од мировниот план за демилитаризација и обнова со меѓународни и арапски претставници. Формирањето на одборот се совпадна со започнувањето на втората фаза од договорот за прекин на огнот со кој се запре војната на Израел во Газа, во која се убиени повеќе од 71.000 Палестинци, а над 171.000 се повредени од октомври 2023 година. Иницијативата е дел од планот од 20 точки предложен од Трамп и усвоен од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) според Резолуцијата 2803 во ноември 2025 година.
Меѓу основачките членови се неговиот зет Џеред Кушнер, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф, претседателот на Светска банка, Аџај Банга, шефот на американскиот инвестициски фонд „Аполо Глобал“, Марк Роуан, членот на американскиот Совет за национална безбедност, Роберт Габриел — и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Обединетите Арапски Емирати, Мароко, Виетнам, Белорусија, Унгарија, Казахстан и Аргентина ја прифатија поканата за членство, а Велика Британија, Канада, Египет, Русија, Турција и Европската комисија сè уште не одговориле. Од владата на Трамп кажаа дека оние кои сакаат постојано, а не тригодишно членство мора да уплатат една милијарда долари, што ќе биде искористено за обнова на Газа.
Ако се погледнат другите покани ќе се види дека речиси сите соседи на Македонија (Косово, Албанија, Грција) добија писмо од американскиот претседател, а до нашата Влада се уште не е пристигнато никаков повик. Со оглед дека нашата држава застана позади САД во бројни ситуации и ги поддржа одлуките на адмнистрацијата на Трамп при различни гласања во Обединетите нации, зачудува недостигот на покана. Ова особено следува откако по учеството на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во февруари 2025 година во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски порача дека „полека, но сигурно, новото нормално ќе се шири, а од Вашингтон – ќе се наметне низ целиот свет, а Македонија е меѓу првите што „го запоседнува теренот“.

Фото: Принтскрин/Јутјуб
За дел од домашната јавност, Владата и владиниот кабинет треба да дадат одговор на ваквата дилема. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, несфатливо е домашните институции постојано се „фалат дека САД, претседателот Трамп и неговата администрација се ваш прв стратешки партнер, а на крајот на денот „,да ве изиграат“ , за обновата на појасот Газа“.
-Се поставува прашањето: или нашиот стратешки партнер не се заморува премногу со нас како држава или нашата дипломатија си дава преголемо нереално значење дека направила извонредни дипломатски врски со САД и ние сме во најблискиот периметар на Американците, оценува Атанасоски во изјава за „Локално“.
На прашањето дали треба да не загрижува што Косово доби покана, иако за нас, од геополитички аспект, ова прашање е помалку важно, аналитичарот укажува дека треба да не загрижува што стоиме блокирани европски интеграции во место, односно, како што вели, назадуваме по сите параметри на општествениот и државно-правен развој.
-Во однос на ова прашање, не е „болка за умирање“, но да загрижувачки и срамно е едно Косово кое не е членка на ООН да биде покането како држава, а ние важен стратешки партнер на САД, да не бидеме, потенцира соговорникот.
Извршната власт на Европската Унија, Русија, Белорусија, Тајланд, Косово беа меѓу последните кои беа поканети да се приклучат на новиот Одбор за мир на претседателот на САД, Трамп, кој ќе ја надгледува следната фаза од мировниот план за Газа. ООН потенцира дека Одборот е овластен да работи само на планови за Газа.
„Одборот за мир е овластен од Советот за безбедност за својата работа во Газа. Строго за тоа. Не зборуваме за пошироките операции или за кој било од аспектите што беа во медиумите во последните неколку дена. Ќе продолжиме да работиме со сите страни на терен за да се осигураме дека прекинот на огнот ќе се почитува“, изјави Фархан Хак, заменик- портпарол на ООН.
Се погласни се тврдењата дека Франција не планира да се приклучи на Одборот за мир во оваа фаза и покрај тоа што доби покана, изјави француски функционер близок до претседателот Макрон.

Фото: Printscreen/Youtube/Sky News
Претседателката на Косово, Вјоса Османи утрово објави дека добила лична покана од американскиот претседател Доналд Трамп да ја претставува земјата во Одборот за мир, „како член-основач“. Се очекува Одборот да го надгледува управувањето со Појасот Газа откако САД посредуваа во постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, палестинска група која Вашингтон и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација.
„Храброто раководство не само што зборува за мир, туку го гради. Токму тоа го прави претседателот Трамп преку оваа историска иницијатива“, напиша Османи на Фејсбук, објавувајќи ја поканата испратена од Трамп. Претседателката на Косово рече дека САД донеле мир во Косово и дека Косово сега е нивен „непоколеблив сојузник во понатамошното промовирање на мирот“.
Покрај Косово, и Албанија ја прифати поканата на Трамп. Во јавна реакција, премиерот Еди Рама објави дека Владата ја прифатила поканата и оти „вклучувањето на Албанија во оваа структура наскоро ќе биде доставено до албанскиот Парламент за одобрување, во согласност со уставните и законските процедури“.
Во писмото упатено до претседателот Трамп, Рама изразува благодарност за, како што го нарекува, „визионерското водство“ на американскиот претседател во формирањето на Комитет за мир и му се заблагодарува за личната покана упатена до него и до Албанија да биде член-основач на оваа иницијатива.
Рама нагласи дека во време кога конфликтите и поделбите доминираат на меѓународната сцена, мирот не може да остане предмет на бесконечни политички декларации или дебати, туку мора да се гради активно и со директна одговорност.
Н.П.