Автобусот на „Дурмо турс“ имал уред за манипулација на брзината, тврди возач од компанијата

од Ивана Рамаданова

Автобусот на „Дурмо турс“ имал уред за манипулација на брзината за 12-13 километри на час и секој возач можел да го користи кога сака, истакна возач вработен во „Дурмо турс“ на денешното рочиште за автобуската несреќата кај Ласкарци.

Фото: Борче Поповски

Сведокот Филип Наумовски, осум години работел во „Дурмо турс“ како возач, а по потреба бил и кондуктер.

„Автобусот дента го возевме јас, Џемаил и Мануел. Првата тура од Гостивар за Скопје и назад во 7 часот мислам дека ја возеше Мануел. Потоа во 11 часот турата мислам дека ја возеше Џемаил. Во тој период Мануел беше на дневен одмор, како пауза. Автобусот го возел од наплатната Глумово до Гостивар и не забележал ништо невообичаено. Во 14:30 за Скопје возеше колегата Мануел. Во автобусот бевме и јас и Џемаил. За време на возењето тој не се пожали за никакви здравствени или технички проблеми“, изјави Наумовски.

Во 16:50 тргнавме со Мануел од Скопје и јас се симнав во Ѓорче Петров.

„За несреќата ми кажа Џемаил и јас отидов на местото на несреќата. Кога стигнав, го видов Мануел и го прашав што се случи. Тој ми одговори „не знам што се случи. Претходно автобусот дента, цело време возел на една тахографска лента. Тахографските ленти седеа во кутија во автобусот. Таму ги стававме старите и стававме нова. Сите возевме на една лента. Знаевме дека не треба, ама така правевме. Дента јас не ја пополнив тахографската лента, не знам дали некој во гаража“, изјави Наумовски.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Слични содржини