Берлин и Франкфурт воведуваат полициски час поради бројот на заразени

од Vladimir Zorba

Градските власти на Берлин и Франкфурт денеска одлучија да воведат полициски час и мерки за ограничување на социјалниот контакт поради загрижувачкото зголемување на бројот на лица заразени со коронавирус.

Во Берлин, повеќето продавници, како и ресторани и барови, ќе мора да бидат затворени од 23 до 6 часот наутро, а таа мерка ќе стапи на сила во сабота и ќе трае најмалку до 31 октомври.

Исклучок ќе бидат аптеките и бензинските пумпи. На тие пумпи нема да им биде дозволено да продаваат алкохол навечер.

„По три чаши вино, физичката оддалеченост е помалку почитувана“, изјави локален службеник во Берлин.

Во главниот град на Германија, од 23 до 6 часот наутро, можни се само собири до пет лица на отворено, а до 50 лица во текот на денот.

Тие ограничувања се построги во затворен простор каде што може да има до десет лица во текот на денот, наместо 25 како што беше досега.

Мерката особено се однесува на вечерни собири во домови или прослави во затворени простории.

Градските власти во Франкфурт, исто така, најавија дека ќе воведат полициски час, од 22 до 6 часот наутро, почнувајќи од петок. Конзумирање алкохол на јавни места ќе биде забрането.

Ќе биде задолжително да се носи маска на пазарите и големите фреквентни улици.

Германија не воведе општ карантин за населението како нејзини соседни земји, а последните денови има зголемување на бројот на пациенти, што е помеѓу 2.000 и 2.500 на дневна основа.

Од почетокот на епидемијата на коронавирус во таа земја, починале 9.546 лица.

Слични содржини