Беса: ДУИ не е достојна да свика средба на албанските партии

од desk2

Бучавата што се прави за заедничката тркалезна маса на албанските парламентарни партии е за некои албански партии во Македонија да придобијат политички поени во пресрет на локалните избори, велат од Движењето Беса.

Ставот на Беса е дека не прифаќа состанок кој е инициран од претседателот на ДУИ во Скопје.

„Тие што беа главни виновници што на Беса ѝ беа одземени два пратеника за да ѝ се дадат на ВМРО-ДПМНЕ, немаат веќе легитимитет да ги застапуваат Албанците, ниту се достојни да свикаат средба на албанските политички партии во Македонија. Нивниот лидер може да биде поглавар на некоја партија или алијанса, но за нас тој е главниот виновник за актуелната состојба на Албанците во Македонија. Поради оваа причина, ваквите иницијативи, наводно во име на албанските интереси, но злоупотребувајќи ја тркалезната маса, за нас се со лоши намери и за цел ја имаат само рехабилитацијата на тие што 15 години екстремно го уништија интересот на Албанците во Македонија. На тој што му се потребни јавни средби со Беса, за да може како Пилат да си ги измие рацете од кривичните дела, не можеме да му го дозволиме тоа задоволство“, велат од Беса.

Според партијата, состаноците кои се одржуваат во име на платформата, повеќе личат на разговори за коалиција на ДУИ и на Алијанса на Албанците. Од партијата додаваат дека сè уште ја поддржуваат платформата и дека нејзините пратеници ќе гласаат по нејзините точки кога ќе дојдат на дневен ред во Собранието.

Слични содржини