Бесими: Сивата економија е динамична и опстојува, но може да се намали

од Vladimir Zorba

Неформалната економија е активност, која своите форми брзо ги приспособува на новините начини на работа и континуираните промени во начините на економско делување и бизнис моделите. Оттука, борбата со сивата економија треба да е динамичен процес, кој будно следи и гради стратегии со кои ефикасно ќе се адресираат неефикасностите во системот и на институциите во спречување на оваа појава. Трендовите на глобализација, дигитализација, прекуграничната сива економија и промените во начинот на работа и бизнис моделите останува предизвик, кои стратегиите за борбата против оваа појава треба да ги опфатат, вели во својата редовна викенд колумна Фатмир Бесими, министер за финансии.

„Затоа континуирано се реализираат активности за намалување на неформалната економија и нивно понатамошно формализирање, бидејќи тоа претставува клучен чекор во воспоставување на функционална пазарна економија, и рамноправни можности за работа и здрава конкуренција. Формализацијата на неформалната економија и сузбивањето на даночните затајувања ќе доведат до зголемување на даночните приходи, а со тоа и можност на државата и институциите да пружаат поквалитетни услуги и поголема социјална сигурност на граѓаните.

Исто така, целта е да се зголеми и правичноста на даночниот систем, да се подобри довербата помеѓу економските агенти, државата и граѓаните, и зајакне даночниот морал. Формализацијата на неформалната економија е особено важна за најранливите граѓани, која овозможува да се подобри нивната социјална заштита и сигурност и да им се овозможи пристап до други бенефиции кои произлегуваат од работниот однос.

Тука, како успешна приказна ќе го издвојам проектот Мој ДДВ, во кој скоро четири години десетици илјади граѓани учествуваат и помагаат да се намали сивата економија. На ваков начин се јакне даночниот морал кај граѓаните. Сите оние кои скенираат се на некој начин инспектори и накнадата која ја добиваат со повратот ДДВ е само симболично нешто во споредба од придобивките кои понатаму ќе можат да се испорачаат преку јавните услуги. Од следната година веќе ќе се зголеми и месечниот поврат на ДДВ, и на тој начин уште повеќе да ги мотивираме граѓаните во борбата против сивата економија.

Во намалувањето на неформалната економија покрај државата треба да се вклучени и стопанските субјекти и граѓаните. Тоа може да се направи преку лична одлука да не се учествува во неформалната економија со барање на фискална сметка или фактура за секое извршено плаќање“, пишува Бесими.

Слични содржини