Бибер за бугарското вето: Германија и Меркел имаа слабо влијание во ЕУ

од Nikola Popovski

Германската канцеларка Ангела Меркел до одреден степен го поддржа авторитарниот, недемократски развој на Западен Балкан, особено во Србија, рече Флоријан Бибер, професор во Центарот за југоисточни студии на Универзитетот во Грац, во интервју за „N1“.

Тој вели дека „од германска перспектива, секогаш било јасно“ дека на крајот од преговорите меѓу Белград и Приштина, мора да има некакво признавање на Косово.

-Меѓутоа, проблемот е што Европската унија може да им понуди на Србија и на Косово како награда за завршување на преговорите, прашува професорот.

Бибер смета дека главната порака што Ангела Меркел би сакала да ја испрати е дека се надева дека Западен Балкан ќе остане важна тема за Германија по изборите во таа земја.

Тој потенцира дека нејзините пораки за напредокот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ ги откриваат границите на она што канцеларката Меркел и Германија можеа да го направат во однос на проширувањето.

Како што рече Бибер, ако имаме една земја како Бугарија, која не е најмоќна, а може да го блокира процесот на европска интеграција, тоа ги покажува границите на германското влијание во рамките на ЕУ.

Тој потсети дека, кога Ангела Меркел ја презеде функцијата за прв пат, имаше оптимистичко сценарио дека земјите од Западен Балкан досега може да станат членки на ЕУ, но само Хрватска влезе во Унијата.

-До одреден степен, тоа е неуспех на Германија во последните 15 години. Таа не е одговорна за тоа, но тоа ги покажува границите на германското влијание во регионот и во рамките на ЕУ, рече Бибер.

Слични содржини