Битиќи: Со линеарното зголемување на пензиите, дел од пензионерите може да останат без пензија

Со ваквото зголемување од 5.000 денари, дефицитот во пензискиот фонд ќе изнесува 52 отсто што значи дека половина од пензионерите ќе останат без пензија за некоја година, предупредува тој.

од Бети Божиноска
187 прегледи

Неспоредливи се изборните концепти за пензиите на СДСМ, кој ветува минимална пензија од 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари и новогодишен бонус од 100 евра, и на ВМРО-ДПМНЕ, кое нуди линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, истакна вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, во вечерашното гостување во емисијата „Вин-вин“ на телевизија „Телма“.

„Со линеарното зголемување, се нарушува законското усогласување на пензиите. Повеќе ќе нема усогласување на пензиите, туку еднократно зголемување. Со ваквото зголемување од 5.000 денари, дефицитот во пензискиот фонд ќе изнесува 52 отсто што значи дека половина од пензионерите ќе останат без пензија за некоја година,“ предупредува тој.

Битиќи посочи дека ВМРО-ДПМНЕ, во суштина „сакаат да не вратат таму што бевме, а тоа е неизвесност во исплатата на пензиите затоа што по нивниот начин на менаџирање на Пензискиот фонд ако продолжеше уште три години, пензионерите ќе немаа пензии.“

„Убаво ќе беше да кажат колкав ќе биде дефицитот во Пензискиот фонд со ова линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари. Дали пензионерите сакаат дефицит во пензискиот фонд од 52 отсо? Тоа значи дека пола од пензионерите или 175.000 пензионери да останат без пензија за одредена година. Тоа е моделот на ВМРО-ДПМНЕ,“ истакна Битиќи.

Во однос на концептот за прогресивно одданочување, вицепремиерот за економски прашања вели дека прогресивното одданочување е дел од идеолошката матрица на СДСМ, но дека нивните анализи укажуваат оти се уште не се создадени услови за целосна реализација на прогресивното одданочување.

„Одиме еден чекор, односно се доближуваме до тоа, со воведувањето на нула проценти персонален данок на личен доход за примателите на минимална плата затоа што сметаме дека тоа е поправично и тоа ќе дозволи одреден број приматели на минимална плата да излезат од прагот на приматели на минимална плата затоа што на стопанствениците ќе им се ослободат одредени средства кои можат да ги вратат кај своите вработени,“ посочува Битиќи.

Слични содржини