Бразилката Тамра Мајочи трагично настрадала во својот дом во Сао Паоло додека ја славела победата на Бразил над Србија (2:0) на Светското првенство во Русија.

Како што пишува “Daily Mail”, таа починала откако паднала на стаклена чаша со вино, која претходно ја држела во рака прославувајќи ја победата на Бразил во последното коло од групата Е.
Бизарната несреќа се случила во момент кога судијата го означил крајот на натпреварот, што обезбедило пласирање на Бразил во осминафиналето. Девојката го гледала пресудниот меч со пријатели во својот дом во Итатибa, град на југот од бразилската држава Сао Паоло.
Според изјавите на полицијата, Мајочи седела на каучот и го држела мобилниот телефон во едната рака, а во другата чаша од кристал.
Кога станала заедно со своите пријатели да ја прослави победата, Тамра изгубила рамнотежа, се лизнала и паднала на чашата со вино која се скршила и ѝ ја пресекла вратната артерија.
Нејзините пријатели се обиделе да го запрат крварењето, но до моментот кога пристигнала Брзата помош таа веќе била почината.
Шефот на полицијата Лицијано Карнеиро де Паива изјавил дека сепак ќе биде спроведена истрага за нејзините повреди, но и дека се’ укажува на трагична несреќа. Телото на Мајочи било пренесено во нејзиниот роден град Кончал, каде ќе биде погребано.