Блажевски: Келнерите ќе бидат хигиенски подготвени и ќе соработуваат со гостите околу дезинфекцијата

од Берта Китинска
212 прегледи

Кафеанџиите се едни од најпогодените откако започна корона пандемијата. Голем број угостителски објекти беа затворени и го отпуштија персоналот, но имаше и сопственици кои и покрај кризата решија да не избркаат ниту еден вработен.

Сопственикот на ресторанот „Мал Алтан“, Горан Блажевски беше еден од газдите кој се реши на овој потег кој секако е за големо поздравување.

„Локално“ направи краток разговор со него, во кој тој ни објасни како се подготвува за стартот за работата и дали е задоволен од мерките кои Владата ги понуди како помош на компаниите.

-Јас имам осум луѓе кои работат и изминатиов периодов ги плаќав од свој џеб. Сакам да испаднам фер, затоа што не се тие виновни. Отакако беа понудени мерките како помош за економските субјекти и задржување на вработените, јас аплицирав, но се уште не добив повратен одговор.Сметам дека Владата не е заинтересирана за нашите проблеми и мерките не ги задоволуваат нашите критериуми, вели Блажевски.

Тој ни објасни дека ресторанот бил под клуч скоро два месеца откако беше донесена одлуката за затворање на угостителските објект, не правеле достава бидејќи сметал дека од таа работа ќе нема ефект.

-Со донесените нови протоколи и правила за работа нашиот сектор ќе има зголемени трошоци, а како тоа ќе го покриеме и дали ќе ни помогнат тоа никој не го знае, вели Блажевски.

Тој вели дека неговиот ресторан е подготвен и го чека зеленото светло од Владата. Но, со новите мерки само 30 отсто од неговиот капацитет ќе работи.

-Откако ќе отвориме ќе биде потребна пред се нова набавка на пијалоци, храна, средства за дезинфекција.Нашата летна тераса ќе работи со 30 отсто капацитет што не води кон загуба. Келнерите ќе бидат хигиенски подготвени, да не се дозволат несакани последици ќе соработуваме со гостите околу дезинфекцијата. Потребно ќе биде подолг временски период луѓето да се навикнат да дојдат во кафеана да ручаат и да се чувствуваат како порано пред пандемијата, вели Блажевски.

Комисијата за заштита од заразни болести според анализата смета дека веќе има услови делумно да се олеснат мерките во одредени сегменти и тој предлог на Комисијата ќе се разгледа на седница на Влада доколку драматично не се влоши состојбата.

Доколку денешната одлука би била позитивна први со работа ќе започнат угостителските објекти, казината, спортските обложувалници.

Б.М

Слични содржини