Боб Дилан ја направи најголемата зделка во историјата на музиката

од Stefanija Kuzmanovska

„Universal Music“ денес објави дека ги купила авторските права на песните на музичарот Боб Дилан. Цената на договорот за авторско право сè уште не е позната, но „Њујорк Тајмс“ споменува сума од над 300 милиони долари.

Групата стана сопственик на авторските права на повеќе од 600 песни од Боб Дилан, еден од најпознатите музичари кој ја доби Нобеловата награда за литература во 2016 година.

„Universal Music“ сега ги поседува правата на музички хитови од 60-тите, како што се „Blowin’ In the Wind “, „The Times They are a-Changing “ и „Like a Rolling Stone“.

На списокот се наоѓаат и поновите песни на Дилан, како што е „Murder Most Foul“, 17-минутна поема посветена на атентатот врз американскиот претседател Џон Кенеди.

„Не е тајна дека вештината за пишување песни е основниот клуч за одличната музика. И не е тајна дека Боб е еден од најголемите мајстори на таа вештина“, рече претседателот на групата „Universal Music“, Лусијан Гранџ.

„Не е претерување да се каже дека неговото импресивно дело предизвика љубов и восхит кај милијарди луѓе ширум светот. Не се сомневам дека во следните децении, ако не со векови, музиката на Боб Дилан ќе продолжи да се пее и да се изведува насекаде”, додаде Гранџ.

Дилан (79), чие вистинско име е Роберт Ален Зимерман, е култна фигура на генерацијата на 60-тите и еден од најголемите текстописци на 20 век.

Тоа е најголемата аквизиција на авторски права во историјата на музиката.

Слични содржини