Македонија и Бугарија имаат една алтернатива, а тоа е унапредување на меѓусебните односи и развој на партнерство и пријателство. Во тоа сме обврзани уште од минатото, тоа е потребно во сегашноста и само таква перспектива е прифатлива во иднина, истакна за бугарската агенција БГНЕС заменик генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богоевски. 
– Бугарија има историска улога и одговорност директно да и помогне на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ. Во овој поглед, неодамнешните настани не се важни и не претставуваат враќање кон старите проблеми, вели Богоевски.
Тој смета дека „Договорот за добрососедство и пријателство создаде некои предуслови за започнување на нова ера на добри односи, но непријателите на евроатланска Македонија се обидуваат да ги поткопаат овие позитивни процеси. Во таа смисла клучна улога одигра директната интервенција на Русија во односите меѓу македонската држава и црква и бугарската држава и црква“.
– Започна со жалната одлука на синодот на БПЦ да ги замрзне односите со МПЦ, под влијание на истиот центар на власта. Денес сме сведоци дека политичари од Бугарија, кои се под источно влијание, инсистираат да создадат проблем таму каде што го нема со една цел – да ја исполнат задачата на своите „газди“ и да спречат Македонија да влезе во НАТО преку нарушување на добрососедските односи меѓу двете земји, додава Богоевски за БГНЕС. 
Според него, „наместо да се спроведува Договорот на дело, се враќа реториката од минатото, која никогаш не донела ништо добро – ниту во Македонија, ниту во Бугарија“.
Заменик генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека се обраќа кон разумот и кон ставовите на помладата генерација Македонци и Бугари, кои сакаат да живеат заедно, сплотени во рамки на обединета Европа.
– Политичарите кои им служат на стереотипите од минатото, нека престанат со обидите да ја разурнуваат заедничката иднина на помладата генерација, истакна Богоевски.