Борел: Израелските планови за воена офанзива во Рафа се „алармантни“

од Stefanija Kuzmanovska
257 прегледи

Израелските планови за воена офанзива во Рафа во Појасот Газа се „алармантни“, оцени високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.

„Извештаите за израелската воена офанзива на Рафа се алармантни“, рече Борел, додавајќи дека таквата операција ќе има катастрофални последици, влошувајќи ја и онака лошата хуманитарна ситуација.

Тој на социјалната мрежа Х повтори дека 1,4 милиони Палестинци во моментов се во Рафа без безбедно место каде можат да отидат за да се засолнат.

Градоначалникот на тој град, Ахмед ал-Суфи, предупреди на можни катастрофални последици во случај Израел да ја изврши својата најавена операција во Рафа со цел да ги елиминира трупите на Хамас, велејќи дека „секоја воена акција во град кој има повеќе од 1,4 милиони Палестинците ќе доведат до масакр и крвопролевање“.

„Апелираме до меѓународната заедница и луѓето во светот да го запрат геноцидот врз палестинскиот народ“, изјави Ел Суфи за „Ал Џезира“, додавајќи дека градот се бори со глад поради недостиг на залихи и дека помошта која доаѓа преку преминот Рафа е доволна само за 10 проценти од населението кое се наоѓа таму.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како што претходно денеска објави „Тајмс оф Израел“, наводно верува дека, со оглед на меѓународниот притисок, Израел има само еден месец да ја заврши претстојната операција во градот Рафа, чија цел е да ги порази преостанатите оперативни баталјони на Хамас во Газа.

Претходно, кабинетот на израелскиот премиер објави дека Бенјамин Нетанјаху и нареди на израелската армија (ИДФ) „да ѝ достави на владата комбиниран план за евакуација на населението и уништување на баталјоните на Хамас кои се кријат во Рафа“.

Рафа е најјужниот град на Појасот Газа, каде што повеќето од 2,2 милиони жители на Газа се засолнија по почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Слични содржини