Борел: Новиот текст на предлогот проследен до Белград и Приштина, сега е одлична можност

од Stefanija Kuzmanovska

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел денеска изјави дека најновата верзија на предлогот во дијалогот веќе е проследена до Белград и Приштина.

Борел, по пристигнувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана, на новинарите на прашањето за дијалогот им рече дека моментот сега е важен за тоа.

„Спорот за табличките заврши. Сега страните мора да се вклучат во дијалог со предлогот на маса, за што значаен придонес дадоа Германија и Франција“, објасни тој.

Борел рече дека последната верзија на текстот била испратена вчера во Белград, а денес во Приштина, на разгледување.

„Сега имаме момент кој е одлична можност“, истакна тој.

Борел на прашањето дали е можно решение до 2024 година рече дека не треба да се поставуваат вештачки рокови.

„Треба да забрзаме, а не да поставуваме рокови“, додаде тој.

Тој рече дека денеска е важен ден за Западен Балкан бидејќи во регионот се одржува првиот Самит на ЕУ.

„Од наша страна, ние сме посветени да му помогнеме на регионот во справувањето со последиците од војната во Украина“, нагласи Борел.

Тој рече дека ЕУ финансиски ќе му помогне на Западен Балкан да го надмине скокот на цените на енергијата и ја поддржува Албанија во справувањето со сајбер нападите.

Додаде и дека е предвидена помош од БиХ за деминирање, бидејќи се уште има минирани области.

Слични содржини