Борозан заврши со 14-15 конци, ги бранел своите деца од глутница кучиња во Скопје: Можеби нема да игра против Порто

од Илинка Илиоска
358 прегледи

Левиот бек на РК Вардар, Вуко Борозан, можеби нема да настапи на утрешниот натпревар од Европската лига против Порто поради неочекуван инцидент со улични кучиња во Скопје. Според тренерот Владо Неданоски, Борозан бил нападнат од кучиња додека се шетал со своите деца. Тој завршил во болница со неколку каснувања, по што му биле ставени 14-15 конци.

„За жал, се случуваат несекојдневни работи во главниот град. Борозан беше нападнат од кучиња и не знаеме дали ќе може да игра утре,“ изјави Неданоски на прес-конференција.

Овој настан е само еден од многуте случаи на напади од улични кучиња во Скопје, при што граѓаните честопати се соочуваат со опасни ситуации. Улиците не само во главниот град, туку и низ целата држава се полни со кучиња скитници, а секојдневно се пријавуваат десетици каснувања.

Веста за нападот врз Борозан и состојбата со кучињата скитници во Скопје привлече внимание и на странските медиуми.

Црногорскиот „Дан“ пишува дека мечот со Порто е неизвесен поради повредите на Борозан.

„Јутарњи“ објави наслов: „Црногорецот го искасале кучиња додека се шетал со децата, ја пропушта Европската лига: ‘Не знаеме кога ќе се врати’“.

„Вуко Борозан заработи 14-15 конци бранејќи ги своите деца во македонското Скопје“, гласи уште еден од насловите.

Слични наслови објавија и многу други медиуми од регионот.

Извештаи за каснувања од кучиња има секојдневно, иако некои активисти тврдат дека станува збор за лажни пријави. Пред неколку дена, во сличен инцидент во центарот на Скопје, жртва на глутница кучиња беше скопјанец, кој возејќи се на велосипед со својот четиригодишен син, бил нападнат и искасан од две улични кучиња на улицата „Боемска“.

Покрај фрапантните податоци за големиот број каснувања од кучиња кој за 2022 година изнесува 1.673,  низ земјава се шират и заразни болести меѓу уличните кучиња. Но, ЈП Лајка веќе извесен период не врши 4Д тестирања.

Да се вдомуваат во странство или не? Трагичната судбина на кучето Ава отвори дебата за одговорноста при вдомувањето на животни

Слични содржини