Бројките се намалуваат, докторите предупредуваат: „Уште долго ќе има пациенти со ковид“

од Берта Китинска

Според надлежните власти ситуацијата со коронавирусот во земјава се стабилизира.

Министерството за здравство оценуваат дека бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и наведуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород и дека има околу 450 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Директорката на Инфективната клиника-Скопје, Милена Стефановиќ во емисијата „Стадион“ на Канал 77, истакна дека бројките на заразени објективно се намалуваат.

Сепак, таа предупреди дека не треба да се опуштиме во однос на почитувањето на заштитните мерки, но и во однос на планирањето на развојот на пандемијата.

„Едно е сигурно, дека бројките што ги известуваме се апсолутни од првиот пациент што влезе во државата како позитивен. Има еден многу логичен тек на бројки, падови и порасти. Тоа не можам да го гарантирам за бројките од регионот, но кај нас текот е логичен. Пандемијата не може да се спореди со ништо што сме искусиле до денес, јас белиот мантил го носам 25 години и сум била лекар во повеќе различни епидемии. Треба да се биде сериозно внимателен во однос на прогнозите што се даваат и да не очекуваме дека со некое магично стапче ова ќе исчезне“, потенцира Стефановиќ според која, „уште долго ќе има пациенти кои ќе се лечат од ковид-19“.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 86.150, бројката на оздравени пациенти е 67.164, на починати е 2.614, а бројот на активни случаи изнесува 16.372. Според досега завршените епидемиолошки анализи во Скопје има најмногу активни 10.017 лица.

Слични содржини