Буџет 2026: Нови задолжувања за отплата на стари долгови – економистите предупредуваат на внимателност!

Новиот буџет веќе е пред пратениците и процедурата за усвојување ќе започне по завршување на изборите. Следната година планирано е да се потроши историски највисок износ од 6,7 милијарди евра а приходната страна да „тежи“ близу 6,1 милијарда евра. Она што ќе биде клучно за 2026 година е дали Владата ќе направи посилна интервенција во структурата на расходите, а не само во нивната големина – велат економистите.

од Vladimir Zorba
31 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

950.000.000 евра преку Еврооврзница, 350 милиони евра задолжување од други странски извори и уште 400 милиони евра задолжување на домашниот пазар. Вкупно 1.700.000.000 евра во најава – здолжување во буџетската 2026-та година. Ова е планот на Владата за финансирање на функциите на државата во 2026 та година.

Новиот буџет веќе е пред пратениците и процедурата за усвојување ќе започне по завршување на изборите. Следната година планирано е да се потроши историски највисок износ од 6,7 милијарди евра а приходната страна да „тежи“ близу 6,1 милијарда евра. Она што ќе биде клучно за 2026 година е дали Владата ќе направи посилна интервенција во структурата на расходите, а не само во нивната големина – велат економистите.

Благица Петрески; Фото: Фејсбук/Фајнанс тинк

„Вистинскиот предизвик не е во тоа дали ќе има задолжување, туку дали ќе има посилна фискална консолидација и придржување кон буџетските правила на среден рок. Дефицитот во Македонија е структурен, а не цикличен, што значи дека не произлегува од економски шокови, туку од трајна нерамнотежа меѓу приходите и расходите. За постигнување посериозна консолидација и почитување на фискалните правила, потребни се потемелни реформи на расходната страна. Постизборниот период може да биде добра можност за свеж почеток и храбри одлуки“ – вели за „Локално“ Благица Петрески, економист.

Следната година само по основ на доспеана Еврообврзница државата треба да исплати 750.000.000 евра и уште 200.000.000 евра долг кон други странски кредитори.

„Правиме некоја комбинација меѓу странското и домашното задолжување за да не ги оптеретуваме банките во земјава за да можат повеќе да го финансираат приватниот сектор“ – изјави министерката Гордана Димитриеска Кочоска.

Министерката најави дека следната година ќе продолжи политиката на консолидација на јавните финансии и дека буџетскиот дефицит во однос на годинашниот ќе се намали за 0,5% и ќе изнесува 3,5%.

„Ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг“ – најави министерката.

Од друга страна пак , во буџетска година во која се предвидува раст и на приходите и на трошењата, капиталните расходи се проектираат на пониско ниво во однос на годинава, во износ од 640.000.000 евра. Економистите сметаат дека на досегашиот модел на буџетирање му е потребен реформски ремонт.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

„Има многу простор за реформи и тие можат да се насочат на повеќе фронтови на пример кај социјалните трансфери да се направи ревизија на критериумите и модел за транзиција на корисниците од системот на пазар на труд, потоа пензиската реформа, со цел подобра одржливост и намалување на зависноста од централниот буџет, реформа на државната помош и субвенциите, преку проценка на ефективноста и фокус на оние со најголем ефект и секако платите во јавниот сектор, кои треба да бидат поврзани со продуктивноста и резултатите“ – вели Петрески посочувајќи дека само преку вакви структурни зафати буџетот може да стане инструмент за долгорочна стабилност, а не само механизам за тековно финансирање.

Според владините прогнози следната година растот на БДП ќе изнесува 3,8%.

Д.А.