Во неделата се одржаа парламентарните избори во Бугарија, а Бугарската централна изборна комисија (ЦИК) најдоцна до 8 април треба да ги објави добиените гласови и распределбата на местата меѓу партиите и коалициите во 45. национално собрание на Бугарија. Според досега обработени 98,93% од гласовите, ГЕРБ на Бојко Борисов освои 26,14%, „Има таков народ“ на Слави Трифонов 17,73%, БСП 15,02%, ДПС – 10,34%, Демократска Бугарија – 9,52%, а „Исправи се! Излези!“ – 4,76%. Надвор од парламентот со процент на гласови под неопходниот праг од 4 отсто се ВМРО-БНД на Каракачанов со 3,65%, која својата националистичка реторика ја користеше и во предизборната кампања.
Составувањето влада во Софија најверојатно ќе биде компликувано, затоа што програмите на партиите, кои делумно се непријателски настроени една кон друга, речиси и немаат заеднички точки, освен тоа што Социјалистите и трите протестни партии сакаат да го симнат Борисов од власт и се залагаат за поефикасна борба против корупцијата.
Сепак, откако е јасно дека партијата на Борисов не може сама да формира влада, а партијата на Каракачанов е под цензусот од 4 проценти, главното прашање за нас е како ваквиот исход ќе влијае на идните односи со нашиот источен сосед, односно дали се очекува релаксирање на реториката од бугарска страна?
Политичкиот експерт за меѓународна и национална безбедност, Андреј Врабчев од бугарската фондација „Татковина“, за „Локално“ изјави дека доколку ВМРО-БНД всушност не го надмине прагот, можноста за премин кон пофлексибилна и попраматична политика сигурно ќе се зголеми.
„Новите партии што ќе влезат во парламентот немаат јасни позиции во однос на прашањето за Македонија, со исклучок на Демократска Бугарија, која е за отворање на патот за Македонија. Очигледно е дека Македонија е важна, но не и одлучувачка за повеќето гласачи, со оглед на перформансите на партијата на Каракачанов, што исто така го доведува во прашање колку е вистинито истражувањето дека повеќе од 80 проценти од луѓето поддржуваат цврст курс кон Македонија. Партијата на Трифонов и „Исправи се“ се популистички, па дури и во сегашната ситуација во која може да се покаже дека изборната кампања многу брзо ќе се рестартира, тие тешко дека ќе се спротивстават на ставовите на нивните гласачи, кои се незадоволни и маргинализирани групи во општеството. особено оние кои го сакаат Трифонов. Овој дел од општеството е или незаинтересиран за работи надвор од нивните лични интереси или тие се радикализирани во обид да се разберат преку некоја заедничка идеја. Од голема важност е какви формати меѓу партиите и кои интереси ќе бидат во прашање во коалициските преговори. Имајте на ум дека овие две страни немаат идеја какви се нивните ставови за нашата надворешна политика, тие би можеле да прифатат отстапки за да ги заштитат другите интереси што им се поважни“, вели Врабчев.
На прашањето дали е „разнишан“ тронот на Борисов, експертот смета дека Слави Трифонов е во таква улога да го негира статус квото, но ќе му биде многу тешко да сфати што зборува, со целото политичко и административно искуство и со нејасна генеза на неговата партија.
„Борисов е на чело на земјата подолго време. Спојувањето на неговата партија со државниот апарат и сродните деловни активности е основа на „тронот“ на Борисов и тоа е солидна основа. Сегашните избори покажуваат дека ГЕРБ и Борисов отсега нема да успеат политички, но тие и нивниот апарат ќе се борат да спасат што можат“, истакна Врабчев.
За тоа дали доколку се одложи создавањето на новото мнозинство, ќе и одложување на проблемот со Македонија, а со тоа и одложување на почетокот на преговорите на земјата со ЕУ, Врабчев вели дека без влада, сè ќе забави, но провокациите на Каракачанов и другите провокатори ќе забават и ослабуваат и бидејќи ќе немаат моќ, не треба да им се дава тежина.
„Ако станува збор за привремен кабинет (техничка влада), јас сум загрижен дека претседателот Радев, кој е проруски играч, може да назначи луѓе кои дури ќе се обидат да ги зајакнат врските со Русија и со тоа да ја влошат ситуацијата меѓу Бугарија и Македонија. Бугарија има искуство во кое се преземени важни чекори од вакви кабинети, иако има долга задача. Всушност, целиот спор, кој беше намерно надуен да биде инструментализиран од Москва и Белград за влијание на Балканот, преку кој Бугарија се деевропеизираше, ја изгуби довербата од своите сојузници во НАТО и отвори простор за руско, српско и не-западно влијание во Македонија. Во пракса, Бугарија не претрпе ништо помалку од политиката на конфликт со Македонија. Сепак, сè уште е тешко да се предвидат сите можности, особено со оглед на нејасните политички пораки на новите играчи „Има таков народ“ и „Исправи се“, истакнува политичкиот експерт.
За политикологот Борис Петров Попиванов во последната година, бугарската ВМРО-БНД била партијата што создала најмногу пречки за добрососедските односи меѓу Бугарија и Македонија.
„Тоа беше свесен политички избор за ВМРО да привлече националистички гласачи. Но, бугарските граѓани ја казнија оваа непријателска реторика. Тие не успеаа да влезат во новиот парламент. Сепак, партијата на г. Красимир Каракачанов не беше сама. Владејачката партија ГЕРБ цврсто стоеше зад својот антимакедонски став. Се сеќавате како министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева беше меѓу најжестоките противници на Договорот со Македонија. Затоа, сега е важно за ГЕРБ да признае дека направиле грешка во нивната надворешна политика. Бугарија се соочува со тежок процес на формирање влада. Засега е сигурно дека антимакедонската позиција ќе биде омекната едноставно затоа што повеќе не носи изборни придобивки. Најважно е дека изборите завршија“, вели Попиванов во изјава за „Локално“.
Според него, тронот на Борисов е разнишан, но тој сè уште не паднал.
„Бојко Борисов е познат по својата способност да преживее политички. Овој пат, сепак, ќе му биде многу тешко. Ако може да излезе со формула за управување во која ќе учествува, ова ќе биде неговата шанса да го одложи политичкото финале. Во моментов, Борисов изгледа како победник на бугарски натпревар за убавина – никој не го сака, но сепак е избран на прво место. Сепак, гласот на мнозинството бугарски граѓани беше за промена. Ова е глас против Борисов. Ако партиите го игнорираат, тие ќе се отцепат од своите гласачи“, смета тој.
На прашањето дали доколку се одложи создавањето на новото мнозинство, тоа значи ќе значи и одложување на проблемот со Македонија, Попиванов смета дека најверојатно, Македонија нема да биде тема број еден на агендата на бугарската политика во следните месеци, за жал, затоа што бугарските политичари се должни да најдат нов пристап кон нашиот југозападен сосед и да го надминат бесмислениот акумулиран негативизам.
„Народите од обете страни страдаат од оваа конфронтација. Доколку Бугарија сака да има поактивна политика кон Македонија, оваа политика мора да се потпира на економска соработка, културно влијание, геополитички интеракции, а не само на спорови за минатото. Според мене, виновни се елитите во двете земји. Проблемот и на Бугарија и на Македонија е ниската политичка самодоверба. Ако имате доверба во вашата приказна, никој не може да ви ја „украде“. Ако имате доверба во вашиот идентитет, никој не може да го „предизвика“. Но, ова се долгорочни процеси и мислам дека сега не можат да стигнат до крајот. Нека двете земји ги задржат своите ставови за историските теми непроменети. Верувам дека Бугарија ги има сите шанси да го повлече ветото за македонските евроинтеграции до крајот на претседателството на Португалија во ЕУ, т.е. до крајот на јуни и не под притисок на Брисел или Берлин, како што се надеваат некои кругови во Скопје, туку затоа што во овие услови нема друга логичка политика. Договорот од 2017 година, мора да признаеме, беше неефикасен и тоа е лична вина на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Овој договор предизвика повеќе конфликти и меѓусебни обвинувања отколку одлуки. Веројатно треба да се постигне друг договор, но пред да се постигне потребна е волја, и што е уште поважно, треба да разбереме дека Бугарија и Македонија се поврзани со повеќе работи отколку што се разделени“, истакнува политикологот.
Политикологот и професор по политички науки, Љубомир Стефанов исто така очекува дека неуспехот на ВMРO-БНД да влезе во парламентот, ќе се одрази и на целокупниот тон на комуникација со С. Македонија.
„Во пракса, тоа веројатно нема да се случи, или ако се случи, тоа ќе биде секундарен процес, бидејќи во следните месеци бугарската политика ќе биде главно „домашно ориентирана“, односно ќе биде поважно кој и како ќе управува отколку нашата надворешна политика. Сепак, може да нема отстапки, бидејќи сите партии се чинеа убедени во своите предизборни кампањи дека РСМ треба да добие покана за да отпочнат преговорите со ЕУ, но не доколку продолжи да биде непријателски настроена кон Бугарија и да гради сопствен идентитет“, потенцира Стефанов во изјава за „Локално“.
За него, позицијата на Борисов веќе долго време е разнишана, а резултатите од изборите во неделата само потврдија нешто што го почувствува целото општество.
„Прерано е да се каже дали новите коалиции и партии што влегоа во парламентот ќе можат да ја материјализираат оваа желба за промена на мандатот. Досега гледаме првични барања за неучество во парламентарно мнозинство со никој од играчите во статус кво состојбата – ГЕРБ, БСП и МРФ. Во пракса, ова би значело гледање на малцинска влада со сите вклучени ризици. Дали ова сценарио е изводливо, навистина е прашање на волја, програма за управување и јасни политички принципи“, смета Стефанов.
За односите со Македонија и дали ќе дојде до одложување на спорто меѓу двете земји, професорот вели дека прашањето за преговори за членство на РСМ во ЕУ нема да биде приоритет за новата влада, кога и ако се формира, поради други итни прашања.
„Како што се на пример борбата против пандемијата со Ковид-19, имунизацијата на граѓаните, членството во еврозоната , новиот буџет, претстојните претседателски избори, како и спроведувањето на промените во судството и државната администрација. Сите овие клучни приоритети за новите политички играчи значат дека преговорите на крајот ќе се интензивираат во некоја подоцнежна фаза од годинава или дури следната година“, изјави Стефанов.
Во рамки на пост-изборието, специјалниот владин претставник за преговорите помеѓу С.Македонија и Бугарија, Владо Бучковски во изјава за „Локално“ истакна дека треба да се почекаат официјалните резултати од Бугарската ЦИК, па после тоа да се размислува за тоа какви ќе биде понатамошните односи и преговори со нашиот источен сосед, но и треба да се има предвид дека постои можност по три неуспешни обиди, да бидат во Бугарија повторно распишани избори, и во меѓувреме да диригира техничка влада.
„Во секој случај има фрагментација на Парламентот, што навестува неизвесност. Кој и дали воопшто ќе стигне до мнозинството од 121 пратеник. Новите три партии… „Има таков народ“ на Слави Трифонов, Демократска Бугарија на Христо Иванов и „Исправи се“ на Маја Манолова се новите партии во Парламентот и ќе имаат над 80 пратеници… Прв мандатот ќе го добие Бојко Борисов и ќе има рок од 7 дена за создавање на мнозинство за Влада, ако не успее, тогаш мандатот ќе оди кај Слави и нови 7 дена. Ако по третиот обид не се формира мнозинство за влада, Претседателот Радев ќе формира техничка Влада и ќе распише нови избори. Сето ова, каква и да е разврската ќе има влијание на нашите напори за што поскоро изнаоѓање на достоинствено и оддржливо решение на нашиот спор“, вели Бучковски.
Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, неодамна изјави дека верува дека по изборот на бугарската влада веднаш ќе продолжат разговорите Скопје-Софија, со цел во јуни или најдоцна јули да се одблокира македонскиот пат кон ЕУ.
„Оптимист сум дека со новиот пристап на градење доверба преку секторска соработка и со завршувањето на изборниот процес во Бугарија ќе го вратиме амбиентот на рационална дебата, која очекувам да се случи од понеделник (петти април – н.з.) со сериозен ангажман на двете страни во надминување на разликите, за да се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус по однос на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција”, изјави пред три дена Османи.
Никола Поповски