Бугарското МНР: Антибугарската кампања во Македонија ја водат политичари, медиуми и академици

од Nikola Popovski
289 прегледи

Повторно сведоци сме на говор на омраза во РС Македонија против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, медиумите и претставниците на академската заедница, се наведува во ставот на бугарското министерство за надворешни работи после контроверзното отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола и присуството на највисокиот бугарски државен врв.

Бугарското МНР е изненадено од, како што велат „силниот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања спроведена во медиумите во нашата соседна земја“.

„Особено загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ неоправдано да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за соседство и формираме Мешовит комитет за историски прашања. Очигледно е дека треба да направи вистински напредок за чувствителните теми од нашата заедничка историја“, потенцираат од тамошното МНР.

Оттаму потсетуваат дека културниот центар „Иван Михаилов“ е регистриран според барањата на локалната македонска законска регулатива од 2019 година.

Од бугарската дипломатија нагласуваат дека официјална Софија ќе продолжи да ги прави сите неопходни напори, во согласност со меѓународното право, за поддршка и заштита на Бугарите во Македонија.

„Од одговорните фактори во нашата соседна земја очекуваме конструктивен придонес во тековниот процес за враќање на довербата и градење поволна средина за Бугарите во Северна Македонија, како и за секој кој сака да развие пријателски односи со Бугарија.

Во последните месеци бугарската држава направи значителни напори за промовирање на позитивна клима во билатералните односи, вкл. преку иницирање формати за засилен развој на секторската соработка. Во отворен дух, Бугарија ќе продолжи отворено да работи на градење вистински добрососедски односи, но и да се потпира на своите партнери во Северна Македонија“, се вели во ставот на бугарското МНР, објавија бугарските медиуми.

Слични содржини